Дали Владата се обидува да го „издрибла“ Уставниот суд, а со тоа и граѓаните на Република Македонија? Одговорот на ова прашање ќе се знае од понеделник натаму, за кога е закажана собраниска седница на чиј дневен ред се наоѓа Предлог-законот за изменување на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во РМ, со кој, наводно, се врши усогласување со Законот за Влада.

Измените предвидуваат зголемување на коефициентот со кој се одредува платата на петтемина вицепремиери-Оливер Спасовски, Радмила Шекеринска, Бујар Османи, Кочо Анѓушев и Хазби Лика-па, наместо актуелните 3,7, тој да изнесува 4 од просечната плата во државата.

Предлог-законот беше подготвен уште во декември и поднесен до Собранието, но дури сега е ставен на дневен ред. Тогаш од Владата информираа дека со него, наводно, не се предвидува зголемување на платите на вицепремиерите, туку се врши само негово терминолошко усогласување со Законот за Влада на РМ.

Но, висината на коефициентот за платите на вицепремиерите има своја предисторија, што заврши со одлука на Уставниот суд. Партијата Левица го оспори членот 14 од  Законот за платата и други  надоместоци на избраните и именуваните лица и Судот во март минатата година објави дека го укинува неговиот дел, што се однесува токму на  „потпретседател на Владата“.

Со оваа одлука на Уставниот суд, платите на т.н. потпретседатели на Владата се усогласени со уставните одредби и наместо нивната висина да се утврдува по коефициент 4,00 од просечната плата, таа ќе се утврдува по коефициент 3,70, како и за останатите министри. На овој начин од Буџетот на РМ ќе се заштедат околу 10.000 евра годишно. Цели 27 години т.н. потпретседатели на Владата и од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ, и од ДУИ и ДПА, иако беа свесни дека Уставот на РМ не ја познава функцијата потпретседател на Владата, молчеа околу ова и не бараа промена на одредбите на соодветниот закон. Зашто, без разлика колку е мала разликата во платата, тоа одеше во нивна корист“, соопшти партијата, реагираа тогаш од Левица.

Наспроти тврдењата од Владата дека со Предлог-законот нема да има зголемување на платите на вицепремиерите, сепак и самата негова содржина го тврди спротивното:„Со измените на Законот, коефициентот за утврдување  на платата  на заменик на претседателот на Владата на Република Македонија ќе се пресметува со коефициент 4,00, наместо 3,70 кој коефициент е утврден за пресметка на платата на член на Владата. Согласно ова, разликата во плата ќе изнесува 8.027 денари месечно во бруто износ, или за 5 заменици на претседателот за 12 месеци 481.620 денари“.

Значи, финансиски импликации ќе има без разлика на терминологијата, што секако паѓаат на грбот на даночните обврзници. Но, тоа што иритира и ја доведува во прашање правната сигурност и владеењето на правото, воопшто, е обидот на Владата да го „издрибла“ Уставниот суд, кој веќе се произнел околу ова прашање, што ќе значи и покренување нова постапка пред него, овојпат по Законот за Влада на РМ.