Владата одобри, Собранието ќе гласа, а основците и дефинитивно ќе учат според реформирани програми. Министерството за образование и наука ќе почне да ја реализира Концепцијата за реформирано основно образование и тоа од следната година. Стручната јавност и голем број институции гласно критикуваа – дека се брза, дека не е сето тоа осмислено темелно и дека има многу непромислености во планираните реформи. Имаа прилика на една јавна расправа во Собранието, претставници на МАНУ, професори, наставници, активисти, да кажат што мислат. Од Владата тврдат дека се слушнати забелешките.

Суштинската промена во образовниот систем останува таква како што првично беше искреирана. Научната дисциплина историја останува интегрирана до шесто одделение. Дотогаш се оди со име на предметот „Општество“, а потоа самата група предмети ќе се вика „Историја и општество“. Албанскиот јазик во Концепцијата останува како изборен предмет од 6 одделение. Една од најострите забелешки стигнува од Филозофскиот факултет од каде што повеќе пати нагласија дека Историја мора да остане како посебен предмет.

Гласни критики стигнуваат и од синдикалците. Забелешките на Независниот синдикат за образование и наука почнуваат од тоа дека многу просветни работници не биле ниту консултирани за реформите, па одат дотаму дека причина за незадоволство е спојувањето на предметите.

Министерката за образование најави дека во четврток ќе биде распишан огласот за подготовка на програмите во наставните предмети согласно наставниот план – и ги повика експертите од високото образование да се вклучат во процесот.