Владата ќе испрати до пратениците текстови на законски измени со кои ќе се утврди обврската на личните карти, возачките и сообраќајните дозволи, патните исправи и други документи да се печати двојазично и со новото име на држaвата.

Во соопштението од седницата меѓу другото се наведува дека на Владата ги утврдила текстовите на Предлог-законот за изменување на Законот за патните исправи на државјаните на Република  Македонија, на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за личната карта и на Предлог-законот за изменување на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, заради усогласување со законските решенија во Законот за употреба на јазиците, како и од аспект на рокот на замена на постојните патни исправи кои го содржат натписот ,’Република Македонија’ со патни исправи со новото уставно име на државата, запазувајќи го рокот наведен во членот 3 од Уставниот закон за спроведување на Амандманите од XXXIII до XXXVI на Уставот на Република  Македонија.

Предлог-законите за изменување ќе бидат доставени на усвојување во Собранието во редовна постапка.

Но, во соопштението не се споменува ни збор за тоа дали во личните карти ќе се вметне и етничката припадност на граѓаните, што, пак, е официјално барање на владиниот коалиционен партнер БЕСА. Уште на почетокот на минатиот месец медиумите пишуваа дека Владата настапува внимателно околу предлогот на БЕСА и оти за тоа ќе се консултира со своите странски партнери од ЕУ.

Ставањето на етничката припадност во личните карти, како што тогаш пишуваа медиумите, било договорено и ставено во соопштение од една од владините седници уште пред две ипол години, односно уште пред да биде потпишан Преспанскиот договор, а со БЕСА тоа било договорено за предизборното коалицирање на последните предвремени парламентарни избори.

За барањето на БЕСА тогаш неименуван извор од владејачкиот СДСМ за Фактор.мк изјави:

-Проблемот може да настане во тоа што во патните исправи не треба да стои етничката припадност, а како што е познато, со неколку држави ние како земја имаме склучено договор и личната карта да може, исто така, да се користи како патна исправа, како што се Србија, Црна Гора, Албанија, Босна и Херцеговина и Косово, односно во тие држави да може да се патува и со лична карта. Сега сакаме таков договор да склучиме и со Грција, но стравуваме да не излезе некој правен проблем околу тоа. Затоа и сакаме да се консултираме со нашите странски партнери, но тоа ќе го оставиме за по празниците. Затоа и ќе почекаме, да не направиме заради избрзување некој пропуст. Инаку, реално нема проблем да стои во образецот за лична карта етничката припадност.

Оттука, Владата не кажува дали и каков одговор добила од своите странски партнери во ЕУ.

Но, за жал, ова не е суштината на проблемот. Суштината е во тоа што за разлика од останатите етнички заедници во државата, Македонците не смеат етнонимот Македонец да го стават во официјален документ. Зашто, по усвојувањето на уставните промени произлезени од Договорот од Преспа, тогашниот министер за надворешни работи, а сега актуелен вицепримеир за евроинтеграции, Никола Димитров, со писмо го извести својот грчки колега Никос Коѕијас дека терминот Македонец не означува етничка припадност, туку државјанство.