Просто станува вчудоневиден и нерационален сѐ поагресивниот актуелен политички однос на Република Бугарија кон отворањето процес на преговори за евроинтеграција на Република Македонија, анализира професорот Илија Велев.

Според него, иронијата да е поголема, објаснувањата се дека тоа се правело согласно политичкиот Договор за добрососедство и пријателство меѓу двете земји и нивните народи, што од бугарската страна се замислува дека стекнала одважност со условени декрети да атакува врз правото на македонското научно толкување и констатирање на глобалните културноисториските процеси на Балканот како општи цивилизациски придонеси.

Најновиот прилог кон „условената“ провокација од македонскиот источен сосед се случи деновиве, кога во бугарскиот највисок законодавен дом Народното собрание со мнозинство гласови се изгласила одлука за преименување на празникот на сесловенската просвета поврзан со имињата и со сесловенската мисионерска дејност на св. Кирил и Методиј, што се слави на 11 – односно на 24 мај. Имено, со ваквата политичка одлука „како природна и логична историска промена“ во Бугарија се преименува празнувањето на сесловенските просветители и рамноапостоли св. Кирил и Методиј и на сесловенската писменост како „Празник на бугарската писменост“. Тоа требало и политички да се легитимира во хиерархијата при Европската унија, од која ќе се барало право за стекнување своевиден бренд кириличното словенско писмо да се прогласи за „бугарска азбука-објаснува професорот.

Според Велев, нерационалноста на ваквата постапка е што преку демонстрацијата на политичка моќ на највисоката законодавна власт во државата, а не преку престижни научни или културни институции, се прави нов обид да се реактуелизира национал-романтичарската хегемонија од крајот на XIX век на бугарската кирилометодиевска митоманија.

-Во историскиот контекст на втората половина на XIX век, таа пред сѐ била историски поттикната и поткрепена во прилог на хегемонистичката функција за воспоставување и за ширење на рускиот духовен и културен протекторат врз цивилизацискиот, духовниот и врз културниот растеж на словенскиот свет. Веќе пошироко во палеославистиката и во кирилометодиевистиката ваквите приспособени за современоста етноцентрични погледи се третираат како надминат анахронизам, при што на општата цивилизациска придобивка за афирмација на третата христијанска цивилизација и култура во Европа – словенската не може да и҆ се приопштува едностраната атрибуција „бугарска“, односно „старобугарска“. И тоа, не само затоа што процесот на афирмацијата и развојот на словенската богослужба, култура и писменост од страна на св. Кирил и Методиј не се одвивале на бугарска територија и ниту од бугарски протагонисти, туку и затоа што историски сообразена на воен, политички и духовен план Кирилометодиевата словенска мисионерска дејност посредно имала и антибугарски карактер- појаснува Велев.

Тој појаснува што всушност што треба да се слави на „Празникот на бугарската писменост“? Имено, сесловенските просветители св. Кирил и Методиј немале какви и да се активни дејности во средновековното бугарско кнежество, или пак, нивната словенска просветителска и христијанско-мисионерска дејност меѓу 863 и 869/885 година реално не може да се поврзува со процесите во тогашното бугарско општество.

За тоа вели професорот, постојат повеќе историски реални предуслови, што се поткрепуваат со конкретни факти.

Светите Кирил и Методиј биле пред сѐ, и над сѐ, византиски мисионери – израснати во високиот слој на византиската општествена хиерархија во првата половина на IX век. Тие биле реализатори на афирмацијата на словенската духовна и културна традиција, т.е. биле словенски просветители во функција на византиските и подоцна на римопапските политички и црковни интереси. Светите Браќа биле родени во Солун, македонски град кој бил втор административен византиски центар веднаш по престолнината Константинопол (Цариград). Своето високо образование го стекнале во византиската престолнина, непосредно до највисоките владетелски, политички, научни, културни и духовни кругови. Ослободени од култно-легендарните клишеа во содржините на нивните житиеписни состави историографски се претпоставува дека тие биле од редот на старото домородно население во Македонија, кое не било словенско – но знаело словенски јазик и веќе живеело сродно со другите народи во Византија и со Словените. Поради тоа св. Кирил и Методиј ја добиле и довербата од византискиот двор да станат истакнати мисионери и да посредуваат да ги интегрираат Словените во глобалниот византиски христијански свет-вели Велев.

Токму во родниот град Солун, идните мисионери имале идеални услови да ги спроведуваат подготовките за заживување на словенската писменост, но и да ги воспостават контактите и консултациите со најголемите византиски авторитети. Над сѐ, на самиот терен од околината на Солун можеле изворно да се користат јазичните словенски говорни искуства, за врз основа на нив да се кодифицира општ разбирлив за сите Словени словенски богослужбен и книжевен јазик – но и врз основа на гласовниот систем на овие словенсмки дијалекти да се подготви компетентна – фонетски устроена словенска азбука глаголицата. Ваквата научна теза веќе нашироко е афирмирана во палеославистиката и во кирилометодиевистиката. Не треба да се исклучува можноста св. Браќа да зеле и свои учени соработници од словенскиот род, кои добро го познавале словенскиот мајчин јазик и во голема мерка им помогнале во прецизирањето на диференцијацијата на одделни словенски гласови. Секако, тие биле од околината на Солун – од родот на македонските Словени. Тие станале нивни ученици и следбеници во ширењето на словенската цивилизациска свест. Во таквиот случај во прилог оди и претпоставката за можноста дека св. Климент и Наум Охридски биле едни од тие нивни соработници и доследни спроведувачи на кирилометодиевската традиција.

Притоа јасно ја нагласуваме научната иронија: дали поради одвивањето на подготовките на сесловенската мисионерска дејност на просторот на Македонија и поради користењето на македонските словенски говори од околината на Солун како основа при кодификацијата на старословенскиот богослужбен и книжевен јазик светите Кирил и Методиј биле Бугари по род, дека старословенскиот јазик бил „старобугарски“, а и дека кирилометодиевската сесловенска просветителска дејност треба да се прогласува за „бугарска писменост“?

 


Натаму, како историографски треба да се препознава посредниот антибугарски карактер на Кирилометодиевата сесловенска просветителска и рамноапостолска христијанска мисионерска дејност?

Една година пред почетокот на Моравската мисија, во летото во 862 година бил склучен воен сојуз меѓу франечката држава на Људвиг (средновековната германска држава) и бугарското кнежество, којшто директно бил насочен и против Велика Моравија. Сојузничкиот однос придонел во Моравија да се стационира и присуството на бугарската војска. Тоа било повод словенското мисионерство да се поттикне на воено-политичката раскрсница меѓу Византија и Велика Моравија, а двете страни посредно имале и заеднички непријател во франечкиот воен сојузник Бугарија. Великоморавскиот кнез Ростислав ја гледал Византија како силен заштитнички сојузник, зашто и таа била во воен судир со бугарското кнежество. Затоа, пак, Византија ја препознавала црковнополитичката шанса да го потисне римолатинскиот духовен продор и да го наметне влијанието на црковниот Константинопол во христијанскиот живот меѓу западното словенско население.

Во 863 година, кога почнала словенската мисионерска дејност на св. Кирил и Методиј во Моравија, христијанството во бугарското кнежество сѐ уште не било официјална религија. Таму христијанството се официјализирало со посредство на Константинопол дури во периодот меѓу 867 и 870 година, а богослужбата и писменоста се одвивале на византискогрчки јазик и писмо сѐ до Преславскиот собор во 893 година, а и неколку години потоа.

Долгогодишната војна меѓу Византија и Бугарија се стишила со склучувањето на мировниот меѓусебен договор во 864 година, значи една година подоцна откако почнала Моравската мисија.

Во таквите конкретни воено-политички и црковни околности нужно се поставува и прашањето: врз основа на кои историски сведоштва св. Кирил и Методиј можат да се карактеризираат како „бугарски словенски просветители“?

Инаку датумот 11 мај, односно 24 мај по нов црковен стил, се празнува како веројатен ден кога сесловенските просветители заминале на мисионерска дејност во Велика Моравија. Ваквиот празник бил инициран од Синодот на Руската православна црква непосредно во периодот пред 1863 година, кога требало да се прослави јубилејниот повод 1000 години од создавањето на словенската писменост (863-1863). Во руската синодска одлука се предвидело овој ден да се слави како општословенски празник на словенската писменост и просвета, како и на словенските сесловенски просветители св. Кирил и Методиј. Дури се конкретизирало празнувањето да се одвива и богослужбено со сеноќно бдеење, со литургија и со молебни песнопеења.

За тој повод и празнично се составила специјална служба за прослава на на словенските првоучители св. Кирил и Методиј, а заедничкото дотогашно црковно чествување на нивниот спомен и слава од 6 април се определило да се одвива на 11 мај (односно на 24 мај). Оттогаш во сите словенски црковни диецези каде што руската црква имала духовно влијание почнало да се наложува народното и просветното празнување на св. Кирил и Методиј, како ден на сесловенската писменост. Така и во бугарската духовна и културна средина овој празник е прифатен подоцна како руска препорака до Бугарската егзархија (во чие создавање учествувала руската црква), кога почнало во егзархиските црковни училишта со налог да се иницира неговото празнување. Посредно празнувањето почнало да се шири и на просторот на Македонија, за што постојат и конкретно запишани сведоштва на македонските преродбеници Марко Цепенков, Кузман Шапкарев, Григор Прличев, Антон Поп Стоилов, Трајко Китанчев, и др. Дури Марко Цепенков запишал дека празникот на словенските просветители почнал насила да се наложува за празнување во црквите, а дури и во 1927 година Стефан Тановиќ посведочил дека во Гевгелија овој празник сѐ уште бил нов и почнал да се слави од скоро време.
Ете, во кој ироничен историски и културолошки контекст политички изнасилено е проектирано празнувањето на сесловенската просвета и на светите Кирил и Методиј како „Празник на бугарската просвета“.

Затоа и најискрено упатуваме повик до бугарските и до македонските актуелни политичари безрезервно да ја ослободат од теророт на политиката автономната и суверена улога на науката и на историографијата, каде што единствено може да се постави критичката академска и научна арена за размената на погледите и на констатациите во однос на толкувањата на глобалните општоцивилизациски процеси од минатото – одразени како традиции во современите национални културноисториски идентитети: бугарскиот и македонскиот. Се разбира, не преку платени политички конструирани меѓувладини „експертски комисии“, туку преку научни проекти, научни конференции, монографски или периодични изданија, и сл. Така и поослободено ќе се почитува бугарскиот и македонскиот народ со сличностите и со различностите – како соседи и пријатели, едни до други и едни со други-завршува професорот.