По инцидентите во КПУ „Скопје“ во кои беа нападнати екс-министрите Миле Јанакиески и Спиро Ристовски и констатираните пропусти во безбедносните протоколи на затворот, директорот Ѓоко Котевски најави дека в понеделник ќе биде готов извештајот од истрагата за немилите настани.
Според директорот, досегашната истрага покажала пропусти во постапувањето и непочитување на стандардните безбедносни протоколи во службата за обезбедување на затворот. Како што најави Котевски, в понеделник ќе биде завршена комплетната внатрешна истрага, а потоа извештајот ќе биде доставен до Министерството за правда, до Управата за извршување санкции и до Кабинетот на премиерот.
Истовремено, заедно со објавувањето на извештајот, Котевски најави дека ќе ја поднесе и оставката од функцијата.
Поранешните министри Миле Јанакиески и Спиро Ристовски на кои им беше одредена мерка притвор за настаните во Собранието на 27 април 2017 година, физички биле напданти од Л. К. и Е. С. Според Котевски, М. Ј. и С. Р. биле сместени во различни павилјони поради што и инцидентите се случиле во различно време, едниот во едно, а по еден час и другиот во друго шеталиште. Извршени се разговори и земени се изјави од притворените лица вклучени во немилиот настан.
Основниот суд – Скопје 1 синоќа соопшти дека Кривичниот совет му ја усвоил жалбата на Јанакиески поради што мерката притвор му е преиначена во 30-дневен куќен притвор, додека Ристовски останува во „Шутка“. На Јанакиески воедно му се забранува комуникација со лицата опфатени во кривично-правниот настан без довзола од Судот.
Како што информира директорот Котевски, вчера се преземени нови протоколи и повикани се поголем број затворски чувари на работа.
Comments are closed for this post.