Собраниската расправата за уставните амандмани продолжува утре. Во попладневното продолжение на собраниската расправа као што овјави МИА, пратеничката Ане Лашкоска од ВМРО-ДПМНЕ посочи оти нема да искоментира ништо од текстот на нацрт-амандманите, затоа што смета дека не треба да се отвора и менува Уставот, со цел промена на уставното име на земјата и оти ќе ја почитува волјата на оние што и ја дале довербата.

Процесот го водевте нетраспарентно, решивте опозицијата целосно да ја тргнете на страна. Ја водевте расправата во Комисијата за европски прашања,  го изолиравте и претседателот на државата. Свесни сте дека договорот е спротивен на меѓународното право. Власта одлучи да не го послуша народот што не излезе на референдумот и топката ја префрли во Собранието на РМ, рече таа.

Министерот за надворешни работи Димитров реплицирајќи на пратениците од опозицијата, рече дека досега во спорот со името имало три главни прашања – името, опфатот и што тоа значи за идентитетските прашања, и главното стравување било дека со додавање придавка ќе ни се загрози идентитетот.

Предизвикот дали сме Македонци не постои врз основа на овој договор. Ова е комбинација која едвај ја постигнавме и многу тешко поминува и кај нас и кај нив, но крајната цел е да ја зацврстиме државноста, посочи Димитров.

Благица Ласовска од ВМРО-ДПМНЕ рече дека договорот е капитулантски и оти требало да се постигне со национален консензус и да не се отстапува од црвените линии.

Се што е напишано во договорот е директно мешање во внатрешните работи на една суверена држава. Мора да градиме пријателства и да правиме отстапки, но не можам да видам гаранции од страна на Грција, напротив има замки кои би значеле блокирање одредени поглавја во преговорите со ЕУ, ако соседот-Грција, констатира дека нешто сме згрешиле, рече Ласовска, и оти тие како пратеници немаат мандат да го решаваат „ова горливо прашање и да си играат со судбината на граѓаните, рече Ласовска

Хари Локвенец од СДСМ истакна дека македонскиот идентитетот по ниту еден основ не е чепнат.

Тоа е причината зошто лидерот на опозицијата на народните собири зборуваше за институционален, а не за национален идентитет, бидејќи тој не е чепнат. Јазикот е македонски, фуснотата дека е од групата јужнословенски јазици е дополнителна придобивка, рече Локвенец.