Најмалку што може да направи Оливер Спасовски е да и се извини на јавноста и да си поднесе неотповиклива оставка. Тешко дека на тој начин ќе ги намали штетите и последиците од неговото неспособно и криминално владеење, но барем ќе се даде можност да престане хаосот што го креираше и ќе се остави простор да се расчистат сите скандали што тој ги остави, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ, по денешната прес-конференција на министерот за внатрешни работи кој вели дека имало индиции оти во обвинителството се прислушувало од 2013та.

Спасовски е дојден на челното место во МВР во техничката влада уште во ноември 2015 па потоа и во септември 2016.

Сега е министер со сите овластувања веќе година ипол и за време на негово министерување се случува најголемиот скандал да се снимаат и уценуваат јавни обвинители и судии.

СДСМ и Оливер Спасовски треба на јавноста да и одговорат кој, како и зошто прислушувал.

Зошто две години службите ја криеле оваа информација и дали одговорот за причините лежи во фактот што Заев однапред ги знаеше и најавуваше сите обвиненија, притвори и пресуди ?

Оливер Спасовски со оваа прес конференција наместо да даде одговори уште повеќе се заплетка во скандалот. Доколку за овој случај знаел подолго време зошто не превземал ништо? И зошто дозволил јавното обвинителство да биде прислушкувано до пред некој ден кога сето ова се разоткри пред јавноста?  Најдоблесно ќе беше Оливер Спасовски денешната прес конференција да си поднесе оставка, стои во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ.