Празни ходници и училишни дворови, новата учебна година почна со штрајк на просветните работници. Сепак, во некои од скопските основни училишта само првачињата беа примени на првиот школски час, но не го слушнаа училишното ѕвонче, потврди за Пресинг ТВ една од наставничките од основно училиште “Јохан Хајнрих-Песталоци“.

Слична сотојба екипата на Пресинг ТВ забележа и во основното училиште „Димитар Миладинов“. Првачињата со жолти балони во рацете стоеа во дворот на училиштето. Родителите разочарани сведочат дека не очекувале дека нивните деца на овој начин ќе го започнат првиот ден на училиште.

Школски двор со неколку првачиња во ОУ „Димитар Миладинов“ во Скопје

„Родителите се солидаризираа со нас, тие денеска не испратија ниту еден ученик, ниту прваче, на настава во училиштето. Колку што знам, слична е ситуацијата и во останатите училишта, дел од нив празни како нашето, некаде само директорите ги примиле учениците кои дошле“, тврди наставничка од едно основно училиште во Скопје и додава дека од утре наставата ќе почне да се одвива вообичаено.

Според информациите до кој дојде Пресинг ТВ, директорите на некои од основните училишта во градот во текот на вчерашниот ден до родителите испратиле меил порака во која барале учениците да дојдат на настава.

Во ОУ „Јохан Хајнрих Песталоци“ денеска немаше настава

Претседателот на Синдикатот за образование, наука и култура, Јаким Неделков во изјава за Канал 77 вели дека не располагаат со конкретна бројка на наставници кои денеска се појавиле на своите работни места, но без да се „впуштаат“ во какви било воспитно образовни активности.

Тој најавува дека во текот на денот синдикалците интензивно ќе праќаат известувања до него за тоа како ќе се одвива штрајкот, па допрва ќе се знае и како истиот се одвива по региони во државава.

Празен двор и ходници во ОУ „Кузман Јосифовски Питу“

Од утре наставата почнува да се одвива вообичаено, но барањата на СОНК за повисока плата  и понатаму остануваат. Во меѓувреме продолжуваат преговорите со ресорното министерство, со кое синдикалците не успеаја да пронајдат заеднички јазик, поради што вчера одлуката за штрајкот и официјално беше потврдена.