Учебниците по историја и географија за основно образование се планира да бидат тема на разговори на втората средба на Заедничкиот интердисциплинарен комитет на Северна Македонија и Грција за историски, археолошки и образовни прашања, формиран согласно Преспанскиот договор, што треба да се одржи во март во Дојран.
Шефот на македонскиот тим, амбасадорот Виктор Габер, за МИА изјави дека оваа втора средба практично ќе биде прва суштинска со разгледување конкретни учебници, а бидејќи станува збор за огромен материјал, одлучиле да се почне со учебниците по историја и географија за основците.
Даваме предност на разгледување на наведените карти и симболи во овие учебници што кај младите формираат мислење, а со тоа сакаме тие да имаат прифатлива реалност за соседот. Тоа значи дека ќе се гледа да се променат оние елементи за да не задираат во тоа чувство на заедништво во позитивна смисла и затоа се определивме за разгледување на овие учебници, рече Габер.
Тој појаснува дека во меѓудржавните односи, секогаш, секоја страна си има свои позиции што ги застапува, а се од интерес за нацијата, за државата и за нејзината безбедност и развој. Во таа смисла ние, вели, ќе се обидеме, а верувам и дека со грчката страна ќе дојдеме до резултати што на двете земји ќе им пружат една нова атмосфера во односите што се однесува до воспитувањето на новите генерации.
Значи не станува збор за бришење нешто, туку за адаптирање што ќе биде во интерес на зближување на двата народа, двете држави, нагласува Габер.
На следните средби ќе се разговара за материјалот од средните училишта што е, нагласува, многу пообемен, а паралелно се анализираат и наставните програми за оваа материја, односно идеолошката и филозофската страна на она што ќе се изучува како историја и географија.
На маса може да се отвори и стручна дискусија, да се разгледа како се пристапува кон дефинирање на поимот иредентизам, бидејќи во членот 8 од Договорот од Преспа се предвидува иредентизмот да се избегнува во учебниците, нашите и нивните. Втора тема е како научно денес се третира поимот на нација, како и начинот за предавањето на материјата од страна на професорите…
Вие може да имате едно напишано во вашиот учебник, а друго професорот заради своите оптоварувања, етнички, политички и културни и др. како ќе ја предава таа материја. Тука може да отвориме многу продуктивна дебата, вели амбасадорот Габер.
Она на што ние инсистираме, вели амбасадорот Габер, е да се земе предвид меѓународното искуство, особено она што е кодифицирано во меѓународните документи како Совет на Европа и УНЕСКО, бидејќи тоа е наведено и во самиот договор и она што е современо ниво на научни сознанија во врска со третманот на оваа материја.
Во врска со именувањето на населението од двете страни на границата, присутни се различни термини и зависи од тоа во кој период се однесува потребата од именување. Во принцип, нивните учебници содржат богата материја, но очигледно е дека се обидуваат на моменти да побегнат од теми што нив ќе ги доведат во судир со соседите, подвлекува Габер.
Тој наведува дека во нивните учебници досега не се споменува македонски народ, јазик и сл., многу ретко се среќава терминот Славомакедонци или Словени, каде што тоа директно или индиректно се однесува на нашиот народ.
Потребно е тука да се најдат формули што ја изразуваат реалноста кај нас и во согласност со Договорот што ги дава рамките, што се позитивни, цивилизациски и претставуваат еден голем исчекор од она што до вчера било искуство на овие балкански простори, нагласува Габер.
Она што грчката страна постојано го има давано како забелешка е, додава, нашиот пристап во однос на третманот на територијата како национална.
Грчкиот заменик-министер за надворешни работи Маркос Боларис, кој го предводи грчкиот состав во пресрет на средбата во Дојран во интервју за грчка новинска агенција ги изнесе трите барања што ги доставиле до македонската страна на првата средба во Солун: наставниците и професорите да избегнуваат материјали што содржат иредентизам и ревизионизам, од учебниците да се исфрлат антички грчки симболи и да се отстранат картите на голема Македонија.
Како од грчка страна така и од страна на Северна Македонија комисиите се формирани од извонредни експерти, кои целосно ја разбираат работата што треба да ја направат, темелно ја познаваат историјата на двата народа, ги почитуваат меѓународното право и европското законодавство и се во позиција да донесат правда и да ја прикажат историската вистина, отстранувајќи ги пропагандните потточки, илустрациите и мапите што ги модифицираа учебниците во последните децении, изјави Боларис.
Се очекува средбите во иднина да се интензивираат заради постигнување на роковите одредени со Спогодбата од Преспа веќе од следната учебна година да се отстранат од наставните програми и од учебниците спорните точки и карти и илустрации.
Comments are closed for this post.