Околу 40.000 нерегистрирани и неосигурени возила, според осигурителните компании, активно се вклучени во сообраќајот на патиштата и претставуваат закана за безбедно одвивање на сообраќајот, предупредуваат од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.

Оттаму  посочуваат дека безбедноста во сообраќајот во голема мера зависи од исправноста на возилото, но оти и покрај тоа  одредена група возачи ги користат возилата избегнувајќи или „заборавајќи“ на задолжителниот технички преглед на возилото, редовниот сервис и редовното – задолжително осигурување и регистрација на возилото.

Ваквиот однос кон возилото и воопшто кон безбедноста во сообраќајот е неодговорен и опасен. Точните мотиви за ваквиот начин на однесување тешко се откриваат, но сигурно е дека станува збор за неодговорни возачи кои го потценуваат ризикот од евентуална сообраќајна незгода и кои ги потценуваат последиците од сообраќајните незгоди, велат од РСБСП.

Најчестите изговори што ги користат возачите се: „Трошок ми е, немам доволно пари“, „Сигурен бев дека возилото е исправно“, „Не покажуваше знаци на дефект“, „Цел живот возам така, ништо не се случило“.

За учество во сообраќај на патиштата, возилата задолжително треба да бидат регистрирани, да имаат важечка сообраќајна дозвола или важечка потврда за пробно возење и треба да бидат означени со пропишани регистарски таблици. Непочитување на оваа законска одредба се санкционира со парична казна од 500 евра во денарска противвредност.