Наместо на основците да им донесе нова енергија второто полугодие ќе ги пречека со стари проблеми. Учениците в понеделник се враќаат во клупите но без дел од учебници по предметите за кои се донесени нови наставни програми, а учебник по географија и понатаму ќе нема за ниту еден ученик во државата од 7-мо, 8-мо и 9-то оделение.
Книгите се во процес на одобрување. По завршување на постапката истите ќе бидат доставени за превод и печатење, потоа и до учениците, вели за ПресингТВ Вања Велева, директорката на Педагошката служба во МОН.
„Напоменуваме дека самите постапки за изработка и одобрување на учебници се сложени и повеќемесечни и од тие причини по донесување на нова наставна програма за било кој наставен предмет од страна на советниците во Бирото за Развој на Образованието (БРО) се врши обука на наставниците за правилно користење на сите ресурси за реализација на истата, а воедно и за надминување на стереотипите дека само со учебник може да се реализира наставниот план за одреден предмет“, вели Велева.
Без учебници сме како „ресавска школа“, вели Даниела С. наставничка во едно од скопските основни училишта. Таа во изјава за ПресингТВ вели дека сами како наставници се трудат овој недостиг да го средат преку пишување во тетратки, а се снаоѓаат со содржини од интернет или стари учебници.
„Сами импровизираме, смислуваме индивидуални методи за да ја доловиме програмата на децата и да ги добијат потребните резултати. Се прават презентации, даваме задачи за т.н работни листови, предаваме материјал а децата запишуваат“, вели Даниела С.
Таа додава дека посебен проблем на наставниците им создава наставната програма од Кембриџ, која требаше да престане да важи со воведувањето на новите наставни планови, односно учебниците, кои не кореспондираат со возраста и методологијата.
„Ќе ви дадам пример од прво оделение, од учениците се бара да читаат пред да ги совладаат буквите. Учебниците по Кембриџ претрпеа измени од оваа школска година, но не суштински, само се направи рокада на материјалот, тоа што беше на 52 страница сега е на 1-ва“, додава Даниела С, наставничка од едно скопско училиште.
Од педагошката служба на МОН, во врска со ова, истакнуваат дека во 2018 година е направена целосна ревизија на учебниците кои се одобрени по Кембриџ програмата и во истите се имплементирани сите забелешки од содржински аспект и така подобрени се набевени за потребите на учениците.
Потенцираме дека ниту една забележка не се однесуваше на несодветност на учебникот со возраста на ученикот . Наставниците преку анкета во почеток на 2018 година имаа можност да се изјаснат дали содржините во учебникот се соодветни за возраста, дали учебникот е разбирлив за ученикот и сл. и МОН врз основ на нивни забелешки ангажираше стручни тимови за проверка на содржините на учебницитеи во тој сегмент не беше посочена ниту една забелешка не се однесуваше на несоодветност на учебникот со возраста на ученикот.
Проблемите на учениците и наставниците продолжуваат, а родителите се збунети и револтирани и апелираат надлежните што поскоро да го решат ова прашање, без разни изговори.
Comments are closed for this post.