Македонското МНР вчера попладне му предала вербална нота на шефот на грчката Канцеларија за врски во Скопје во која ја информира Атина дека во Република Македонија се исполнети внатрешните услови за да стапи во сила Преспанскиот договор. Тоа значи дека земјава ќе се преименува во Република Северна Македонија, а ќе има и драстични измени на Уставот и на неговата Преамбула.

Тоа што го нема на официјалната интернет страница на македонското МНР е објаснувањето кое им е испратено на Грците во кое многу јасно се појаснуваат некои термини, како тој клучниот – што треба да се разбере под терминот „македонски народ“ и „македонско државјанство“. Целиот документ го објави грчка „Ефимерида“, и да не беше тој весник веројатно немаше да дознаеме и ден-денес за содржината на нотата, која му го отвора патот на грчкиот премиер Алескис Ципрас во грчкиот парламент да се ратификува Преспанскиот договор.

Хронолошки вчерашниот дипломатски ден се одвивал по добро утврдени дипломатски канали. Додека траеше бурата во грчкиот парламент каде се водеше дебата пред гласањето доверба на владата на Ципрас, кога власта и опозицијата пукаа од сите можни политички орудија и калибри, македонското МНР на грчкиот амбасадор му ја предава нотата и Ципрас добива витаминска бомба – тој дописот од Скопје го чита во финалното обраќање пред грчкиот парламент да гласа.

Еве што соопшти МНР:

„Денес, во Министерството за надворешни работи на Република Македонија, на шефот на Канцеларијата за врски на Грција во Република Македонија, му беше предадена Вербална нота со која, согласно членот 20 став 3 од Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) И 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите Нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 г. и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните (Конечната спогодба) се информира грчката страна дека во Република Македонија се исполнети внатрешно правните услови за влегување во сила на Конечната спогодба и дека Собранието на Република Македонија на 11 јануари 2019 г. ја усвои Oдлуката за прогласување на амандманите XXXIII, XXXIV, XXXV, XXXVI на Уставот на Република Македонија и Одлуката за прогласување на уставниот закон за спроведување на амандманите од XXXIII до XXXVI на Уставот на Република Македонија“.

Од Скопје толку. Сега приказната се префрла во Атина, каде најверојатно по добри дипломатски извори и тајни канали нотата со придружниот текст и е сервирана на „Ефимерида“, која објавува и факсимил од сите страници. Во текстот на интернет изданието на „Ефимерида“ се наведува дека „Владата во Скопје официјално, вербално, ја информира Атина дека го менува Уставот согласно Преспанскиот договор. Сега тој договор треба да биде ратификуван од грчкиот парламент“, додава медиумот.

Што е клучно во вербалната нота? Дека, како што се објаснува од македонското МНР, терминот „националност“ се однесува само за „државјанството“, а не за етничка припадност. Што се однесува до јазикот и тука се обврзуваме согласно Преспанскиот договор, тој официјално да биде запечатен како еден од јужнословенските јазици.

„И сега, што ќе кажете на ова господин Мицотакис?- му се обрати Ципрас на лидерот на опозициската Нова демократија, и продолжи – ќе му се придружите ли сега на Каменос?

И „Ефимерида“ забележува дека во документот се зборува за „македонски народ“ (Macedonian people), како општа или збирна именка, но никаде не се зборува за Македонец/Македонци.