Томосот на Вселенската патријаршија со кој Обединетата СПЦ на Кралството СХС од 1922 година добила самостојност чинел 1,5 милини француски франци. Тоа бил вториот томос, додека првиот датира од 1879 година кога била формирана српската држава.

И врз основа на вториот томос сега СПЦ и МПЦ-ОА треба да ги продолжат разговорите околу статусот на Охридската архиепископија, по нејзиното признавање од страна на Вселенската патријаршија.

Белградскиот весник „Време“ од 3 јануари 1922 година, објавува текст со наслов „Прашањето на нашата Патријаршија“ во кој меѓу другото пишува:

-По ослободувањето и обединувањето, една од најприродните потреби била обединувањето на српската црква и нејзино прогласување за автокефална патријаршија. Познато е дека во тој поглед биле водени преговори со Вселенската патријаршија во Цариград и дека нашиот тамошен преговарач, г.Панта Гавриловиќ, во свое време веќе дошол до спогодба. Во замена за некои 1 ипол милион француски франци, царигардската патријаршија се согласила да ја признае нашата автокефална обединета црква на чело со својот патријарх. Оваа трансакција, иако во црковните работи изгледа малку недолична, била неопходно нужна, главно со оглед на нашите сојузници во Јужна Србија каде влијанието на цариградската патријаршија се уште е многу силно и каде нерасположението кон нас или анатемата би можеле да бидат многу штетни. Значи, преговорите се завршени, но во Цариград се уште не паднало дефинитивното признавање на нашата патријаршија. „Томосот“, со кој се врши признавање се уште не му е издаден на нашиот Архиерејски собор…“.

А, причината за неиздавањето на Томосот била таа што починал дотогашниот патријарх во Цариград и изборот на нов. За нов патријарх, во меѓувреме, бил избран Мелетиј Метаксакис.

Во Службениот весник на Обединетата Српска православна црква „Гласник“, од 14 јули 1920 година, бил објавен декретот на кралот Александар Караѓорѓевиќ во кој стоело:

-Во името на Неговото величество Петар I според милоста Божја и народната волја, кралот на Србите, Хрватите и Словенците, ние, Александар наследникот на престолот-на предлог на застапникот на нашиот министер за верата, на нашиот министер за образование, а по сослушувањето на Министерскиот совет и согласно одлуката на соборот на сите српски православни архиереји од Кралството на Србите, Хрватите и Словенците од 13/26 мај 1919 година, одлучивме и го прогласуваме: Обединувањето на сите православни црковни области во Кралството на Србите, Хрватите и Словенците, а имено: Архиепископијата белградска и Митрополиите на Србија, Архиепископијата Карловачка и Митрополиите српски со далматинските епископии далматинско-истранска и бокакоторската, Архиепископијата Цетинска и Митрополиите на Црна Гора, Брдо и Приморјето, Митрополијата Скопска, Рашко-призренската, Велешко-дебарската, Пелагониската, Преспанско-охридската, Струмичката, еден дел од Митрополијата Воденска, Епископијата Полеанска, Митрополиите на Босна и Херцеговина-Дабро-босанската, Херцеговско-захумската, Зворничко-тузланската, Бањалучко-бихаќката-во една Автокефална Обединета српска православна црква на Кралството на Србите, Хрватите и Словенците. Застапникот на нашиот Министер за верата, нашиот Министер за образование да го изврши овој Указ.

Александар с.р.

Конечно, Обединетата српска православна црква на Кралството на Србите, Хрватите и Словенците го добила Томосот на Вселенската патријаршија на 19 февруари 1922 година. Во него, пак, меѓу другото стои:

-Уредувајќи и правејќи се како што треба, а заради надградување, Светата Црква смета дека и ова е својствено за доброто уредување и канонскиот поредок, да ги подесува и уредува границите на црковната управа според политичките промени што се случуваат, доколку тоа е дозволено со светите црковни закони, за управувањето со црковните работи да се врши без потешкотии и целисходно и од тоа да произлезе поголема полза за христоимениот народ.

Според тоа и во поглед на Богоспасеното Кралство на Србија, со оглед на тоа што тоа по бившите балкански војни од 1912 и 1913 година и доскорешната голема светска војна е проширено и зголемено и подигнато во едно обединето Кралство на СХС според милоста и благословот Божји, во своите граници ги оипфати епархиите кои до скоро биле под канонска управа на Патријаршискиот Вселенски Престол и тоа митрополиите:Скопската, Рашко-призренската, Велешко-дебарската, Пелагониската, Преспанско-охридската и дел од митрополијата Воденска, Епископијата Полијанска, врз основа на Букурешкиот договор од 10 август 1913г.; Митрополијата Струмичка врз основа на Нејскиот договор од 27 ноември 1919 година; а врз основа на договорот со Австрија потпишан во Сен-Жермен во Лајн од 10 септември 1919 година Митрополиите во Босна и Херцеговина: Босанската, Херцеговската, Зворничката и Бањалучко-бихаќската. Покрај тоа во границите на ова обединето Кралство на СХС влегле и Автокефалните Православни Цркви: Карловачката и Црногорската, како и две далматински епархии: Задарската и Бокакоторската; а со заедничка одлука на претседателите на овие цркви собрани на Собор прогласено е нивно управно единство со Српската Црква во една автокефална црква под името „Автокефална Обединета Пра вославна Српска Црква на Кралството на СХС“. Заради тоа нашата Христова Црква на молба на црквата и на владата на Кралството на СХС, имајќи ги предвид канонството и оправданоста на црковното обединување во една целина на оние црковни области, кои се веќе политички обединети, заради конечно единство и хармонија во управата, според правилото на Оците кое вели дека: „епископите на секој народ треба да го признаат првиот меѓу себе и него да го сметаат за глава“, и заради поголема и општа полза на обединетите области кои ги имаат од единството, со едногласна одлука, што е донесена на седница на Светиот Синод под претседателство на Нашата Смерпост, одлучува и го утврдува следното: го одобрува и го благословува црковното ослободување и присоединуваето кон Автокефалната Обединета Православна Српска Црква на оние епархии кои до скоро биле под негова управа и кои се погоре споменати.  Признавајќи го, пак, прогласеното единство на автокефалните цркви: Српската, Црногорската и Карловачката, како и двете далматински епрхии ја прима од сите формираната Света Автокефална Обединета Православна Српска Црква како сестра во Христа, која ги има и ужива сите права на автокефалност, според прописите и редот на Света Православна Црква…“.