Разбирањето на Бугарија отсекогаш било дека напредокот во нашите односи со Република Северна Македонија може да се постигне само преку отворен дијалог ориентиран кон резултати. Во оваа смисла, нашата подготвеност да разговараме со Скопје отсекогаш била отворена. Во исто време, мора да биде јасно дека оваа комуникација е двонасочна, а напредокот не зависи само од декларираната јавна подготвеност за разговори, туку и од дијалогот полн со содржина и од исполнувањето на обврските.

Ова меѓу другото го изјави техничкиот министер за надворешни работи Светлан Стоев во денешното интервју за бугарската редакција на Дојче веле, одговарајќи на прашањето за односите со Македонија.

Според Стоев, техничката влада продолжила да се раководи од националниот став усвоен во 2019 година од владата и парламентот за европската перспектива на Република С Македонија. Притоа тој нагласува дека оваа позиција не е конјуктурна, туку е објективно оправдана со проблемите, што произлегуваат од неисполнувањето на билатералниот договор од 2017 година „од страна на нашите соседи“.

-Вложивме значителен напор и време во враќање на нормалниот дијалог и доверба меѓу двете страни. Во последните месеци се одржуваа состаноци на сите нивоа – претседател, премиер, министер, експерти. Разговорите беа конструктивни и отворени. Иако разликите опстојуваат, овие состаноци беа корисни за разјаснување на нашите позиции. Во последниве месеци, го интензивиравме дијалогот со европските партнери со цел да го објасниме нашиот став во однос на Преговарачката рамка за Република С Македонија.  Мислам дека чекор по чекор, нашите партнери во ЕУ разбираат дека е потребен консензус и тоа претпоставува дека сите земји-членки се дел од решението и се чувствуваат пријатно. Задоволен сум што оваа порака беше јасно кажана и од комесарот за проширување Оливер Вархеи на последниот состанок на Советот за општи работи на 22 јуни 2021 година, кога последен пат беше разговарано за оваа тема. Ја разбираме желбата на нашите партнери во ЕУ да отворат преговори со Република Северна Македонија – ова е исто така во наш интерес, но под услов да ги имаме потребните гаранции за да може процесот на проширување да биде одржлив, предвидлив и кредибилен, изјави Стоев.

Тој верува дека Бугарија и Република С Македонија можат да напредуваат само преку отворен дијалог, фокусиран на изнаоѓање прагматични, одржливи и заемно прифатливи решенија за предизвиците наследени од минатото.

-Се разбира, ова бара напори од обете страни. Во оваа смисла, продолжувањето на провокациите и јавните манифестации на јазикот на омраза кон Бугарија во Република С Македонија – уште еден еклатантен пример беше само пред неколку дена – не придонесуваат за зајакнување на добрососедските односи и го попречуваат враќањето на довербата меѓу двете земји, што е во интерес на луѓето од двете страни на границата, додаде Стоев.