Ниту Драги Рашковски, ниту Зоран Заев, ниту МВР немаат одговор зошто Генералниот секретаријат на Владата набавил софтвер кој што не се користи цела година, ниту пак во план во МВР имаат да го користат наскоро, барем така велат, посочува Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

Во продолжение следува интегрален текст од прес-конференцијата на Стоилковски:

За оваа нова афера со Драги Рашковски како централна фигура во неа, Зоран Заев застана во одбрана на неговиот близок, па вели:

„Се работи за објектив кој снима 360 степени, набавен врз основа на претходни длабински анализи. Ова е направено со причина“.

Изјавата на Зоран Заев не е лапсус. Зоран Заев е прашан за софтвер, за програма за веќе поставени камери. Тој одговара ЗА ОБЈЕКТИВ, со посебни спецификации. И објаснува со рака, правејќи цел круг.

Објектив е дел од камера. Во случајов камерите поставени на крстосниците од страна на МВР за овој систем кој што постои. За волја на вистината, има многу мал дел од поставените камери снимаат 360 степени. Затоа и ги има во толкав број на секоја поголема крстосница, на секој агол или на столбот на семафорите. Оние камери со можност за снимање цел круг, се поставени одозгора на посебни столбови за нив и тие се впечатливи за дел од сообраќајниците.

Ова е патентираниот производ на Драги Рашковски. Истиот Драги Рашковски кој што понатаму ја прави набавката како прв човек на Генералниот секретаријат за софтвер за снимање за системот на МВР, за кои што МВР не е запознаен. Една од основните наведени карактеристики на неговата иновација, на иновацијата на Драги рашковски е камера – објектив, како што вели и опишува Заев, што снима 360 степени.

Според документот што го следи овој патент на Драги Рашковски, е наведено, ИНТЕГРИРАН СИСТЕМ од ХАРДВЕР И СОФТВЕР, систем патентиран и развиен од Драги Рашковски. Значи, постои и софтвер, а постои и хардвер, тоа е овој апарат со објектив за 360 степени снимања, онака како што го опишува Заев.

Па оттука, запознаен ли бил Заев за патентот за производот на Драги Рашковски? Запознаен ли бил Заев со набавката па така детално го опишува производот, а набавката е за софтвер? Дали длабинските анализи на кои што се повикува Зоран Заев, предвидуваат и замена на системот на МВР? И најважното, дали по набавката на софтверот кој што, веројатно ќе излезе дека не е компатибилен со поставениот систем на камерите од МВР, се подготвувале ли и за набавка на нови апарати, нови камери, кои што одговораат со веќе набавениот софтвер, можеби токму со оној чиј што интегриран дел е хардверот за снимање 360 степени, токму такви какви што патентирал Драги Рашковски?

Зоране Заев, тоа ли се подразбира под одговорот, „ако не се користат сега, може во иднина ќе го употребат“? Тоа ли се на Заев причинско – правните последици зошто е тоа така направено?

Зоран Заев е скандал мајстор на овој криминоген режим, и со ликови како Заев, Рашковски, Николовски, Спасовски, Шекеринска, Македонија ќе продолжи да тоне се подлабоко во криминал и во корупција!