„Одговорност за обидот за линч на поранешните министри Миле Јанакиески и Спиро Ристовски мора да има. И кривична и политичка. Оставката на директорот на истражниот затвор е само глума со која што треба да се сокријат вистинските виновници и вистинските нарачатели“, вели портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.

Според ВМРО-ДПМНЕ се прави обид да се забошоти случајот.

„Се споменуваат пропусти и дисциплински прекршоци и неуредност, но не и одговорност. Нема збор, нема ништо од одговорност, нема ништо од вистинска истрага, за нарачателите и извршителите, нема одговорност за случајот обид за линч во притвор врз опозицискки членови, поранешни државни функционери“, вели Стоилковски.

Стоилковски прашува кој го нарачал линчот и кој дал наредба после нападот врз Ристовски, во дворот на затворот да биде изнесен и нападнат и Јанакиески? Зошто нема снимки од нападот?

„Во оваа претстава за јавност изостанува истрагата за заканите кои пристигаат од членови и поддржувачи на Кумановската терористичка група преку социјалните медиуми.Во сценариото изгледа не е предвидено МВР и Обвинителството да спроведат истраги по нив. Ниту за потврдените податоци за мобилни телефони и дрога во затворот. МВР и обвинителите служат само за политички прогон против опозицијата“, рече портпаролот на опозициската партија.