Американскиот Стејт департмент во извештајот за состојбата човековите права во светот во 2021 година, во делот за Бугарија не само што наведува дека таму постојат етнички Македонци, туку и дека се нарушуваат нивните права за слобода на здружување. Стејт департментот наведува дека бугарските власти и покрај 14 одлуки на Судот за човекови права го спречуваат организирањето на Македонците.
-Властите продолжија да негираат регистрација на етничко-македонски активистички групи како што се Обединетата македонска организација – Илинден, Друштвото на угнетените Македонци – жртви на комунистичкиот терор, Здружението за одбрана на индивидуалните граѓански права и Македонскиот клуб за етничка толеранција во Бугарија, и покрај 14 претходни одлуки на Европскиот суд за човекови права дека негирањето ја нарушува слободата на здружување на групите. Во еден пример на 31 мај, апелацискиот суд во Софија ја потврди одлуката на Агенцијата за регистрација од ноември 2020 година, со која се одбива регистрацијата на Здружението на угнетените Македонци – жртви на комунистичкиот терор со образложение дека групата ќе спроведува политичка агенда која го загрозува единството и безбедноста на нација и би ги прекршиле правата на останатото население во земјата што не се идентификува како македонско, се вели меѓу другото во извештајот.
Comments are closed for this post.