Државната антикорупциска комисија се сомнева дека сметката на советникот за европски прашања на премиерот Зоран Заев, Љупчо Зафировски, е незаконски отворена. За да се утврди вистинската состојба, антикорупционерите ќе побараат помош од Девизниот инспекторат при Министерството за финансии. Дотолку повеќе, што таква сметка може да се користи и за други незаконски цели.

На денешната седница беше речено дека по извршените проверки било утврдено дека Зафировски имал сметка во странство и оти на неа е вршена исплата на неговите советнички хонорари. Притоа, биле плаќани придонесите и обврските кон државата за годинава, но нема податоци за тоа дали  правилата биле почитувани и претходната 2018 година.

Меѓутоа, со дополнителни проверки антикорупционерите утврдиле дека советникот на премиерот имал и три сметки во Република Македонија и кај нив се јавува сомнеж зошто на генералниот секретар на Владата не му паднало ништо сомнително кога Зафировски побарал исплатата на хонорарот да му се врши во друга држава. Известителот информираше дека за отворање сметка во странство е потребно да се исполни услов-или да се има тримесечен постојан престој во државата или да се има двојно државјанство.