Почеток на грејната сезона и повторно како минатата зима се соочуваме со многу висока загаденост на воздухот. Темата за аерозагадувањето е повторно актуелна. Минатата година главниот град се најде на светските топ листи како најзагаден град во светот, а деновиве Куманово беше најзагаден град во светот.

Повторно истата приказна се повторува од лани. Само да се потсетиме дека минатата зима министерот за животна средина изјави дека не се занимава со граѓаните во екот на аерозагадувањето. Значи оваа власт што ветуваше живот за сите гледаме дека живот обезбедува само за себе, но не и за граѓаните.

И додека напредните држави во светот работат на исполнување на целите за одржлив развој поставени од Обединетите нации за 2030 година, кај нас речиси незабележано помина информацијата на Државниот завод за статистика дека петтина од населението во земјава живее во сиромаштија.

Според податоците на заводот за статистика, минатата година стапката на сиромашни лица изнесува 21.9% или 455.100 лица живееле во сиромаштија. Сиромаштијата на населението, аерозагадувањето, масовното иселување на младите луѓе се тоа се теми што не засегаат сите. И тоа не се само болни теми за нас, тоа се и проблеми на глобалниот свет.

Но разликата е во тоа што во државите во светот се прават долгорочни стратегии за одржлив развој, се креираат политики, се превземаат мерки и акции за решавање на глобалните проблеми. А кај нас на тие проблеми само се дискутира и дебатира за освојување на политички поени пред избори, наместо да се работи на нивно решавање.

Проблемот е што фокусот на политичките елити е кон политички калкулации за освојување на власт и позиции. За 28 години независност сме имале 24 изборни циклуси што ги вклучува изборите за парламент, претседател, локални избори и референдумско изјаснување каде секогаш имало спротивставени страни меѓу политичките елити во земјава.

Следната пролет ќе има предвремени избори за нов парламентарен состав, а штом ќе завршат тие избори ќе почнат политички калкулации за освојување на локалната власт, бидејќи во 2021 година треба да има редовни локални избори. И така сме во постојан изборен циклус, а фокусот на политичките е кон освојување на власт наместо на креирање на стратегии и мерки за решавање на болните теми и проблеми за сите нас.

И оваа зима ќе ја поминеме во аерозагадување, дел од населението во сиромаштија, а дел од младите (и не само млади) сигурно ќе ја напуштат државата. А политичките елити во континуитет се ја тераат стратегијата „купи ден – помини“ од избори до избори, а без притоа да предложат решение на проблемите.

За да не го дишеме истиот загаден воздух и идната зима, бројот на сиромашни лица да биде се помал, а младите луѓе пред се да останат и тука да ја планираат својата иднина треба поголема критичност, активност и вклучување на сите во креирање на решенија за проблемите што се однесуваат на сите нас. Пасивноста не е решение.

И треба од сегашноста да работиме и да погледнеме во минатото, а за целите на иднината. Викаат дека времето лета, а 2030 година брзо ќе дојде. Тоа треба да биде време на паметни технологии и одржлив развој, а пред се на подобра благосостојба на повеќето општества во светот. До тогаш генерацијата од нашите транзициски политичари ќе ја снема од политичкиот живот, а сега се создава таа нова генерација политичари. Во тоа удел имаме сите во оваа држава, така што од нас зависи какви лидери и идни политичари ќе избереме. За иднината се работи, а за неа треба сите да работиме.