Маневарскиот простор се стеснува. Многу близу е моментот, веднаш по заокружувањето на операцијата со смените во владата, владините служби, како и јавните претпријатија, да дојдеме до одговорот дали Заев во овој циклус на смени се занимава со чистење на неистомислениците или навистина сака да ги отстрани грешките од досегашното владеење, вели за Пресинг Тв поранешната носителка на висока партиска функција во СДСМ, Софија Куновска.

По вчерашните смени во владејачката партија, Куновска има чувство дека заради претходни калкулации, операцијата е направена, како што вели, ненавремено, под силен притисок, односно во крајна нужда.

Заев уште со доаѓањето на чело на СДСМ, а потоа и на Владата, во една крајно сложена состојба во која се наоѓа државата десетина години наназад, драматично ги подигна очекувањата. Ветувањата дека ќе дојде живот за сите, расчистувањето со многу негативни појави од минатото, најавите за расчистување на криминал кај двајца негови функционери, се само неколку примери на неговото несреќно менаџирање со очекувањата на граѓаните. Ако на тоа се додаде слабата кадровска понуда, граѓаните имаат право да се чувствуваат изневерени, истакнува Куновска.

Таа додава дека и денес има дилеми дали кај Заев сеуште претставува проблем да го сфати ефектот од ваквите зголемени очекувања. Но, од вчера, додава, летвичката е крената уште повисоко, од причина што е загрозена токму неговата позиција.

За критичката јавност е многу помалку важна таа внатрепартиска прераспределба и кадровска политика внатре во СДСМ. Критичката јавност, која на последните избори ги казни функционерите на извршни позиции во власта, очекува зголемени перформанси на власта, кои пак не до крај се врзани само со кадровската понуда, туку паралелно со тоа неопходни се и долгорочни системски решенија, нагласува Куновска.