Кочани, Неготино, Кисела Вода и Кавадарци се првите четири општини од вкупно 17-те што ќе градат нови градинки со грант од проект финансиран од Светска Банка, со кој се подобрува пристапот до услугите за згрижување и воспитание на деца.

Како што соопшти Министерството за труд и социјална политика, министерката Мила Царовска и градоначалниците на Кочани, Николчо Илијев, на Неготино, Тони Делков и на Кисела Вода, Филип Темелковски, како и овластениот преставник на градоначалникот ма Кавадарци, Митко Јанчев, Тодор Ефремов, денеска ги потпишаа договорите за грантот чија вкупна вредност само за градежните работи на четирите објекти изнесува 220,7 милиони денари. Вкупниот капацитет на градинките е 552 деца и се очекува да бидат изградени и опремени до средината на 2021 година.

– Продолжуваме да создаваме повеќе простор во градинките што е неопходен за раниот развој на децата ,кои се иднината на нашата држава. Нашата цел е само со поддршката од Светска банка до јуни 2024 година да обезбедиме 7.500 нови места во градинките. Истовремено, работиме на подготовка на проекти за останатите 13 апликации кои се избрани на првиот јавен повик и во следните неколку месеци очекуваме и со овие општини да потпишеме договори за грант, рече министерката Царовска на потпишувањето на договорите за грантовите.

Oд мај 2017 до мај годинава, се наведува во соопштението, МТСП инвестираше во изградба, реконструкција и опремување на вкупно 31 објект за детска заштита. Во тек е изградба и опремување на уште 12 објекти.