Плукање и пцуење не се очекува од еден обвинител, кој секојдневно треба да се соочува со криминал, пречки и предизвици во своето работење. Ако тој на првата пречка реагира вака, како ли ќе реагира на покрупни работи кои се очекуваат во неговото работење, вели за Пресинг ТВ адвокатот Звонко Давидовиќ.

Со избивањето на аферата „Рекет“, Специјалното јавно обвинителство се претвори во брод што тоне и во многу наликува дека таму веќе важи правилото „спасувај се кој може“. Кулминацијата, барем досега, беше инцидентот во кој обвинителката Фатиме Фетаи плукнала кон камерата во СЈО и употребила пцост во знак на револт, што била претресувана при влегувањето на нејзиното работно место по, наводно, издадена наредба на шефицата Катица Јанева.

Давидовиќ по којзнае кој пат повторува дека со целокупната афера „Рекет“ и шпекулациите кои кружат во јавноста за вмешаноста на Катица Јанева и дејствијата кои ги презела, угледот на СЈО е нарушен, а довербата разнишана. Тој додава дека СЈО веќе не е орган во кој граѓаните полагаа надеж и веруваа дека може да се справи со крупниот криминал и да ја врати правдата во Македонија и да даде добра основа за заживување на правниот систем.

Наместо тоа, граѓаните добија една афера, која ретко се гледа и тешко може да се спореди со било што досега видено. Дигнитетот на СЈО дополнително се нарушува со некултурното однесување на поединци, кои не се обични луѓе, туку се обвинители и беа промовирани како ѕвезди и ангели во неколку филмски и документарни остварувања. Правдањата, вулгарностите и пред се шпекулациите за незаконити дејствија во рамки на СЈО фрлаат голема дамка на целото СЈО и затоа час поскоро треба треба целата афера да добие правна разврска и завршница, потенцира Давидовиќ.

Во меѓусебните јавни префрлања и препукувања на некогашните „ѕвезди и ангели“, меѓутоа, се крие уште една опасност од „обвинителски игри“. „Протекувањето“ на дел од содржината од одржаниот колегиум во понеделникот, фактички, однапред ги квалификува како лажни исказите на специјалните пред обвинителите од Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и висока корупција. Што, во крајна линија ја инкриминира и целата постапка за „Рекет“.