Лицата со инвалидитет треба да имаат подобра пристапноста до институциите и објектите каде се изведуваат културно-забавни спортски активности, но треба и да се прошири списокот на ортопедски помагала за овие луѓе. Вакви се барањата на Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет – „Мобилност Македонија“, чии членови собираат потписи што ќе бидат доставени до институциите кои треба да преземат конкретни чекори за да се смени положбата на лицата со инвалидитет.

Во 21 век смешно е да се зборува за пристапност, за високи рабници, за многу скалила пред институциите или пред објекти каде се изведуваат културно-забавни спортски активности. Тоа веќе требаше да стане универзален дизајн, требаше веќе да почне да се гради еднаква околина за сите, односно сите лица да имаат можност да ги користат бенефитите и благодетите на општеството. На оваа средба на лицата со телесен инвалдиитет ќе се одржат и спортско рекреативни настани. Нашите членови ќе се покажат во вешто возење колички, пинг понг, пикадо, стреличарство – истакна претседателот на „Мобилност Македонија“,  Бранимир Јовановски пред почетокот на Осмата масовна средба на лицата со телесен инвалидитет, што се одржа во дворот на Центарот за ортотика и протетика „Славеј“ во Скопје.

Јовановски посочи дека непристапни се сите институции во кои нема лифтови за премостување на висински бариери, каде што нема рампи за да може да се качат лицата кои се служат со инвалидска количка и каде што нема паркинг простори за да можат тие да го паркираат своето возило и непречено да влезат во институциите.

Сега е во фаза носење нов закон за градба. Ние пред неколку години успеавме во член 10 во тој закон да вметнеме една одредба каде се вели дека при градење станови во згради, објекти, кои имаат најмалку 10 стана барем еден ќе биде проширен за да може да биде адаптиран за пристап на лица со инвалидност, односно дека ќе има три проценти паркинг простор одбележан пред тие згради, дека сите рабници ќе бидат спуштени и прилагодени за движење на овие лица…Во новиот текст на законот тоа не го гледаме и затоа како Национален сојуз интервенираме и сметаме дека во оваа фаза на нацрт текстот на законот ќе успееме да ги додефинираме работите – Јовановски.

Тој потенцира дека веќе две години преговараат со Фондот за здравствено осигурување во однос на проширување на списокот на ортопедски помагала и додаде оти се надеваат дека ќе се поправат работите во однос на лицата со телесен инвалидитет и дека тие кои користат инвалидски колички ќе може да користат стандардно лесни колички.