Граѓаните на Скопје имаат можност да се движат низ градот со воз и во иднина треба што почесто да ја користат таа можност. Тоа на дело го демонстрираа неколку велосипедисти, коишто со своите велосипеди се качија на воз на железничката станица во Лисиче и преку главната железничка станица стигнаа до железничката во Ѓорче Петров, по што со велосипед низ градските улици додјдоа до Центар.
Демонстрацијата за комбинирана употреба на железничкиот сообраќај се реализира на иницијатива на граѓанските здруженија „Прв до врв“ и На точак“ во соработка со Град Скопје и Македонски железници – Транспорт и Инфраструктура. Промоцијата на ваквата идеја беше дел од активностите на Град Скопје на последниот ден од одбележувањето на Европската недела на мобилност 2018.
Оваа демонстрација е потврда дека во иднина да може да формираме градски воз. Од Лисиче до главната железничка станица во центарот на градот возот стигна за четири минути, а потоа ќе продолжи со своето движење до Ѓорче Петров. Значи, како алтернатива би можеле во Лисиче да влеземе во воз, со велосипед и за четири минути да бидеме во центар и да го продолжиме своето движење со велосипед до саканата дестинација – изјави градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.
Скопскиот градоначалник најави и дека во следниот период ќе има обид да се ревитализираат постојните осум железнички станици во Скопје за тие да бидат подостапни до граѓаните.
Шилегов додаде дека ваквите активности се дел од исполнување на желбите Град Скопје да претендира да биде град со алтернативни можности за транспорт, како што е сега во Берлин, Амстердам и во други европски градови.
Оваа година тема на Европската недела на мобилност беше „Комбинирај и движи се“, со цел да се испрати силна порака за користење на алтернативните видови транспорт и за комбинирање на одржливите начини на превоз до саканата дестинација. Во одбележувањето на Европската недела на мобилност 2018 се вклучија повеќе од 2.500 градови во Европа и во светот.
Шилегов: Набавка на нови автобуси
Градоначалникот Шолегов, најави дека градската администрација предвидува обновување на автобускиот возен парк, како и подобрување на условите за движење на велосипедистите низ градските улици.
Во постапката за набавка на нови градски автобуси, што е во тек, предвидуваме автобусите да имаат држачи за велосипеди, за да им овозможиме на граѓаните да имаат повеќе алтернативи во своето движење. Сериозно инвестираме во изградба на велосипедски патеки и наскоро ќе ги промовираме седумте нови рути. Се реконструираат и поголем број улици и булевари зашто скопјани заслужуваат да имаат безбеден сообраќај и добар јавен превоз – најави Шилегов.
Comments are closed for this post.