Специјалното јавно обвинителство во истрага под името „Пациент“ го сомничи Бујар Османи дека како министер за здравство донел решение за избор на ГБС од Благоевград за изведувач на градежни и градежно- занаетчиски работи во повеќе јавни здравствени установи низ државата иако знаел дека таа била фаворизирана од претседателот и членовите на Комисијата за јавни набавки на министерството за здравство.
Освен Османи осомничени се и Фатмир Авмедовски, Бетим Љамалари, Менсур Ибрахими и Жаклина Чагороска, како одговорни лица – претседател и членови на комисијата.
При вршење на јавна набавка за изведување на градежни и градежно – занаетчиски работи во повеќе Јавни здравствени установи низ Македонија, поднеле незаконит предлог за избор на најповолна понуда, а осомничениот Бујар Османи, како министер за здравство, наместо да го одбие предлогот на Комисијата, донел решение за избор на најповолна понуда на понудувачот ГБС – Благоевград – Република Бугарија. Имено, од доказите произлегува дека осомничените членови на комисијата, го фаворизирале понудувачот ГБС – Благоевград, и покрај тоа што знаеле дека овој понудувач не ги исполнувал условите од тендерската документација, односно не ги поседувал потребните овластувања за инженерите за изведба, а во предмер пресметките кои се составен дел на понудите, не направиле ниту точен збир на податоците, поради што не утврдиле дека понудата на Ингра Загреб е за 637.303,00 денари поевтина од онаа на ГБС Благоевград. Иако сето ова му било познато и на министерот за здравство, тој не го одбил предлогот туку донел решение и ја избрал понудата на ГБС Благоевград како најповолна, и покрај тоа што вредноста на понудата е поголема од проценетата вредност по јавната набавка и на правниот субјект му овозможил имотна корист во износ од 21.604.150,59 денари, се вели во соопштението на СЈО.
Исто така СЈо води истрага и за изборот на најповолен понудувач при изградба и реконструкција на ЈЗУ „Општа болница Охрид“, ЈЗУ Клиничка болница Тетово и ЈЗУ ГАК Чаир. Според обвинителството различни лица во различни периоди причиниле штета на буџетот на РМ.
Во текот на 2010 година истите осомничени Фатмир Авмедовски, Бетим Љамалари, Менсур Ибрахими и Жаклина Чагороска, во друга постапка за јавна набавка бр. 03/2010 за изведување на градежни и градежно – занаетчиски работи во ЈЗУ „Општа болница Охрид“, поднеле незаконит предлог за избор на најповолна понуда и повторно ја избрале понудата на понудувачот ГБС Благоевград кој сѐ уште не ги поседувал потребните овластувања за инженерите за изведба, а со тоа не ги исполнувал ниту условите од тендерската документација.
Министерот за здравство Бујар Османи, го прифатил и овој предлог и склучил договор со понудувачот ГБС Благоевград на износ од 127.533.691 денар.
Во текот на 2013 година пак во постапка за јавна набавка бр 07/2010 за реконструкција и доградба на ЈЗУ Клиничка болница Тетово, осомничените: Делче Арсоски како раководител и Дамир Лончариќ како управител во фирмата Ингра Загреб-подружница Ингра Скопје, потпишале и завериле завршна ситуација со невистинити податоци по однос на количините на вградените материјали и нивниот квалитет.
Потоа, завршната ситуација била доставена до одговорните надзори, осомничените Ангел Икономов, Александар Диманин и Заре Здравески, кои без да ги проверат количините, ја потпишале и одобриле.
Осомничениот Љупчо Мијајлески, како одговорен инженер во проектната единица за реконструкција и доградба при МЗ на РМ, ја одобрил без да ја провери, а исто така и не побарал да биде активирана банкарската гаранција за неквалитет.
Завршната ситуација била основ за плаќање на парични средства, кои средства и биле исплатени , со што причиниле штета на Буџетот на РМ во вкупен износ од 719.470,00 денари, а за правното лице ИНГРА Загреб-Подружница Ингра во Скопје прибавиле имотна корист во висина од 6.005.461,00 денари.
Во текот на 2012 година во постапка за јавна набавка број 02/2010 за реконструкција на болницата Чаир осомничениот Александар Наумовски, како раководител на работите во фирмата ГБС Благоевград, која е изведувач на градежните работи, изготвил завршна ситуација, со невистинити податоци по однос на количините на вградените материјали и нивниот квалитет.
Завршната ситуацијата ја доставил до осомничениот Димче Ивановски, кој како одговорен надзор ја потврдил, а потоа осомничените Јадранка Ношпал, специјалист за градежни работи и Славица Тасевска Николовска, проект менаџер од проектната единица при Министерствотo за здравство, без да ја проверат, ја потпишале и одобриле завршната ситуација, која била основ за плаќање на парични средства, кои средства и биле исплатени, со што причиниле штета на Буџетот на РМ во вкупен износ од 1.568,828 денари.
Comments are closed for this post.