Македонските владици утре на синодска седница ќе се запознаат со деталите од преговорите меѓу Македонската православна црква-Охридска Архиепископија и Српската православна црква, што се случиле во Ниш, Србија во текот на минатата недела, пишува „Нова Македонија“.

Оваа средба се реализира по долги години прекин во комуникацијата меѓу двете цркви. Со ваквиот исчекор меѓу двете цркви влева надеж дека може да се реши долгогодишниот проблем со македонското црковно прашање, односно добивање на автокефален статус на нашата црква во православниот свет.

Најголем дел од членовите на Синодот не се запознаени со оваа најнова црковна дипломатија и засега се воздржуваат од коментари, па ќе чекаат да ги видат деталите.

Портпаролот на Синодот на МПЦ-ОА, г. Тимотеј не открива детали околу средбата меѓу двете цркви. Кратко за „Нова Македонија“ искометира дека преговорите се во тек, без да прецизира кога точно се одржала средбата, кој сè учествувал на неа, дали тој лично присуствувал и што точно се преговарало со СПЦ.

– Разговорите течат. Сега толку можам да кажам. Кога ќе имаме што да кажеме, медиумите ќе бидат известени, изјави тој.

Веста за враќањето на дијалот на маса меѓу двете цркви ја објавил српскиот епископ Фотиј, кој навестил дека разрешница може да има уште овој месец, на мајскиот Собор на СПЦ во Белград.

– Тоа е еден интересен дијалог на љубов, вера и надеж и се надеваме, ако даде Бог, можеби може да се случи, но прво треба сите ние да се молиме на Бога, МПЦ-ОА во мај месец на овој Собор во Белград, повторно да се врати во канонско единство со Српската православна црква, а со тоа во канонско единство и со сите помесни православни цркви, посочил тој.

Епископот не откри кој од владиците присуствувал во македонската делегација, но од говорот може да се забележи дека на средбата од СПЦ присуствувал српскиот патријарх Порфириј, кој неодамна упати и покана до МПЦ за официјална средба.

МПЦ-ОА пред две години веќе побара признавање на автокефалноста од Вселенската патријаршија, но процесот повеќе од една година е во мирување.

Јасно е дека МПЦ нема да отстапи од ставот дека решението на нејзиниот статус е само признавање на автокефалноста во суштинска смисла, зашто црковниот живот во Македонија, всушност, е континуитет од некогашната Охридска архиепископија, возобновена во лицето на МПЦ-ОА.