Од утринава, кога почна најголемата статистичка операција во земјава, нема информации за одбивање за попишување од страна на граѓаните или за каков било технички проблем, изјави директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски по попишувањето на едно домаќинство во Ѓорче Петров.

Ги повика граѓаните да соработуваат за да се добијат релевантни податоци и да не подлегнуваат на иницијативите кои повикуваат да не им се отвара врата на попишувачите. Повтори дека попишувањето е безбедно во однос на ширењето на вирусот и нагласи дека попишувачите имаат соодветни легитимации со кои мора да се излегитимираат.

– После 20 години го дочекавме денот да започнеме со најважаната статистичка операција во државата – Пописот на населението, домаќинствата и становите. Посакувам оваа операција да ја завршиме успешно во интерес на сите. Да се приберат доволен фонд на информации за сите граѓани, за станбениот фонд и сите податоци што се важни за државата. Пописот не служи на ниту една политичка партија, ниту на поединци, служи на оние кои треба да го градат развојот на државата, изјави Симовски.

Со бојкотирањето на пописот, како што рече, граѓаните прават штета на самите себеси.

– Ова се податоци за вас и за вашите идни поколенија. Следните 10 години кој било да е во државата треба да гради политики за развој врз основа на овие податоци, порача Симовски.

Доколку некое домаќинство побара да биде попишано на мајчиниот јазик, кај него ќе биде испратен таков попишувач. Во принцип, во еден пописен круг треба да бидат опфатени од 100 до 120 домаќинства.

Медиумите, како што најави Симовски, секојдневно ќе бидат информирани за активностите поврзани со Пописот и ќе добиваа дневни информации за активностите реализирани претходниот ден.

Процесот на попишување е организиран преку 50 регионални центри. Во овие центри, како што наведе Симовски, формирани се пописни комисии составени од лица кои се вработени во локалната самоуправа и нивната функција е да ја обезбедат целокупната логистика за спроведување на попис.

– Сите комисии се во функција и си ја вршат својата работа фантастично добро. Досега немаме никакви забелешки. Во овие комисии се наоѓаат државни инструктори, тоа се лица вработени во Заводот, кои се одговорни исклучиво за спроведување на методологијата како треба да се одвива. Потоа следуваат реонските инструктори кои имаат задача да ја контролираат работата на оној дел од попишувачите кои се под нивна надлежност, во просек по 10 попишувачи на еден инструктор. Главниот сегмент од оваа операција се попишувачите кои го спроведуваат попишувањето на лице место, образложи Симовски.

Додаде дека по еден попишувач ќе влегува во домаќинствата и дека секој има официјална легитимација. Ако попишувачот нема легитимација, граѓаните да не го пуштаат дома, апелираше Симовски.

– Да не пуштаат ниту еден човек дома да спроведува попишување ако ја нема легитимацијата. Ова го правиме намерно, свесни сме каква антикампања имаме. Можно е секогаш да има некој кој ќе се обиде да го злоупотреби овој процес, нагласи Симовски.

Околу антикампањата, тој потенцираше дека не сакаат да помислат дека пописот ќе пропадне.

– Се подготвувавме толку време, стартувавме добро со намера да го спроведеме пописот да биде максимално успешен. Апсолутно не размислуваме на тема пописот да пропадне. Секој кој се обидува на било кој начин и од било која причина да пропадне овој процес, не им мисли добро на своите граѓани, рече Симовски.

Ленче Неданоска, државен инструктор од ДЗС во пописниот реон Ѓорче Петров, нагласи дека сите попишувачи се добро обучени, подготвени се и излезени се на терен утрово во 8:00 часот.