Она што се прави со платформите во заштитениот појас, но и во поширокиот простор на Матка, е злосторство и против природата и против демократијата и нејзините принципи. Општините не се држави во држава, и за нив важат законите – освен ако се препуштиме на логиката на локален грабеж и самоволие во интерес на локални шерифи, а на штета на граѓаните, рече претседателскиот кандидат Гордана Силјановска при ејзината средба со граѓание на Сарај. Таа смета дека идејата на локалната самоуправа отсекогаш била локалната демократија, воспоставување на контратежа на централната власт заради деконцентрација на моќта и обезбедување слободен простор за дејствување на граѓаните во општините. 

Она што го видов на Матка, дури и во еден прекрасен сончев ден и покрај срдечните средби со посетителите, навистина растажува. Ако ја сакаме Македонија, ако ја сакаме Матка, ако ги сакаме сите наши природни убавини, треба да ги чуваме заедно, обединети, и во согласност со владеењето на правдата. Апелирам итно постапување на надлежните институции, а ги има многу на број кои се повикани да дејствуваат, или ќе ја изгубиме оваа оаза на убавината и спокојот во близина на главниот град. Да се обединиме за да завладее правото и правдата во нашата Македонија, вели Силјановска.