Честитка по повод празникот Прочка до сите православни верници и до поглаварот на МПЦ упати Христијан Мицкоски. Во неа, петседателот на ВМРО-ДПМНЕ посочува дека проштевањето е основна христијанска карактеристика и затоа на овој ден кога секој од нас чувствува милоста Божја треба да си подадеме рака и да си ги простиме грешките еден со друг.

„Заемното почитување и помагање треба да бидат наша водилка за заеднички да ги пребродиме темните времиња и да се спротивставиме на сите предизвици и премрежија. Денес е денот кога треба да се побара, но и да се даде прошка. Нема човек кој не погрешил и само со прошка и признавање на своите слабости ќе можеме во мир и благосостојба да ги пречекаме пораките на овој празничен ден“, порачува Мицкоски.

Тој додава дека македонскиот народ секогаш проштевал, споделувајќи ги заедничките христијански вредности затоа што секогаш знаел дека само меѓусебното помирување и верба ќе ни донесе хармонија и напредок на нам лично но и на нашата татковина Македонија.

„Да не дозволиме поделбите да се наше секојдневие, денес во време кога за жал нашето општество е девастирано, кога имаме мачно секојдневие и премногу омраза, кога неправдата станува основа на прогон и кога е загрозена сигурноста. Спокојот и мирот нека завладеат во сечиј наш дом, да ги почитуваме нашите ближни, соседи и пријатели. Да го следиме патот на почитувањето, проштевањето и љубовта и заеднички да работиме за просперитетна и успешна иднина за нас и нашите идни генерации“, се вели во честитката на Мицкоски.