„Една е домата, една е татковината, а татковина велам јас без мајка нема“, порача Гордана Силјановска кандидатката за претседател на Македонија. Таа поддржана од најголемата опозициска партија ВМРО ДПМНЕ и коалцијата се обрати пред присутните на митингот во Берово.

„Големиот македонски писател и драматург Горан Стефановски кој работеше и живееше во Англија, секогаш велеше дека мислите и срцето му биле дома, во Македонија. Нема татковина без мајка, на една татковина и личи да има мајка. Од Влатко Ѓорчев, пратеникот на ВМРО ДПМНЕ слушнав една убава работа: Жените во Македонија да гласаат за жена“, порача Силјановска пред беровчани.

Таа додаде дека во нејзиниот кабинет ќе има најмногу жени, поради тоа што, како што рече, долго време тие немаа шанса да бидат вработени на место кое го заслужуваат.

Кандидатката за претседател рече и дека ќе се обиде да ги задржи младите, а оние кои заминале да се вратат, докажувајќи им дека има надеж и за едните и за другите во земјата.

„Жалам што оние кои треба да уживаат во оваа убавина, заминуваат. Но, вината не е во нас, туку во нив. Ова место може да привлече многу луѓе, да се развие извонреден туризам. Луѓето од овие краеви во западните земји, во Италија, Австрија добиваат награди за здрава храна. Македонија ја замислувам како земја на развиен туризам. Секој турист кој ќе дојде овде, да размислува да се врати и повторно да не посети“, рече Силјановска Давкова.