За разлика од претседателот Ѓорге Иванов и мојот противкандидат Стево Пендаровски, кој 102 проценти се согласува со лидерот, јас 100 проценти ќе работам по свое, порача претседателскиот кандидат Гордана Силјановска Давкова, поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, пред почетокот на денешната дебата за апстиненцијата на изборите.
Тоа не го правеа претходните претседатели, можеби Киро Глигоров да. Истото се однесува и на Иванов, кој не секогаш постапуваше како претседател на граѓаните. Имаше силно политичко влијание, но во вториот мандат на крајот беше целосно анулиран и маргинализиран“, изјави Силјановска Давкова во одговор на новинарско прашање.
Во првиот круг на гласањето за претседателските избори, како што беше посочено на дебатата, на изборните места не се појавија преку 300.000 гласачи кои редовно гласаат.
Апстиненцијата е модерна болест која укажува на болеста на демократијата и е синоним за криза на претставничката демократија која зачука и на македонска врата. Луѓето се разочарани од носителите на политичката власт зошто најчесто тие ги адресираат сопствените наместо интересите на граѓаните“, рече Силјановска Давкова.
Потсети дека Венецијанската комисија во три наврати во извештаите и препорачуваше на Македонија да го тргне цензусот во вториот изборен круг.
Се надевам дека сепак ќе го постигнеме цензусот од 40 проценти и им упатувам отворен повик на сите кои имаат дилеми заедно да ги разрешиме, со сиот респект за причините кои ги имаат граѓаните кога не гласаат. Мислам дека заслужуваат одговор на дилемите и се надевам дека моите аргументи ќе премислат многу од нив зошто она што го нудам и она што го правам е гаранција дека нема да ги заборавам граѓаните“, потенцира Силјановска Давкова.
За укажувањето од Антикорупциската комисија за непотизмот во вработувањето, Силјановска Давкова рече дека доделувањето на метлата на премиерот изгледа драматично, но додаде дека не знае колку метли досега требаше да се искршат.
Не видов епилог од ветувањата. Ова е круна, бидејќи и шефот на штабот на мојот противник е една од фамилијарните икони во случајот околу вработувањата. Тоа нема ништо заедничко со европските стандарди, напротив изгледа дека политичкото ткиво е длабоко инфицирано. Ќе правам се поинаку од тоа што тие го прават. Ако не ставиме крај на непотизмот, партизацијата и политизацијата при вработувањето од правната држава нема ништо“, посочи Силјановска Давкова.
Најави дека ќе продолжи со активностите од кампањата и за време на велигденските празници.
Ќе имам непосредни контакти со граѓаните. Спремна сум било каде да се видам со неопределените луѓе и секому, секаде да му одговорам на сите прашања зошто немам што да кријам и мислам дека можам да започнам нова фаза во македонската демократија. Доаѓа времето на жените и тоа на умните, критички настроените, неангажираните, инспиративните и креативни жени и најпрво ним им се обраќам“, порача Силјановска Давкова.
Comments are closed for this post.