По повод Меѓународниот ден на Ромите, кандидатот за претседател Гордана Силјановска Давкова во изјава за медиумите рече дека вреди да се одбележуваат важни датуми, како овој ден на Ромите во светот, меѓутоа уште повеќе вреди секој ден да биде пристоен ромски ден.

Се разбира Република Македонија на овој план уставно правно зошто Ромите си го најдоа заслуженото место во Преамбулата, и институционално правно може да се пофалиме дека водевме сметка за своевидно самоуправување или себе управување во рамките на општина во која мнозинството се Ромите како што е Шуто Оризари. Но, мислам дека на овој ден треба да се обврземе да исполниме и многу други предизвици врзани за ромската заедница, особено на планот на правичната и соодветна застапеност на сите нивоа на власта, особено на посебна заштита на ромската заедница како најранлива категорија не само во светот и во Република Македонија. Тука мислам на посебните усилби за образованието, за здравството, за социјалната заштита, рече Силјановска Давкова.

Силјановска Давкова рече дека се надева дека идната година на овој ден ќе имаме можност да ги истакнеме успесите во она што е предизвик за сите нас во почитувањето и остварувањето на ромските права.

Ако станам претседателка на Република Македонија едно од моите први обраќања ќе се однесува на ромската заедница. Се разбира дека ако мојата ќерка ја одгледала Ромка, една прекрасна жена која влегла во нашиот живот и ние во нејзиниот, не знам зошто не би побарала помош од Ромките и Ромите и во вршењето на претседателската функција, рече Силјановска Давкова.