Кандидатката за претседател од ВМРО ДПМНЕ, Гордана Сиљановска Давкова на вечерашниот митинг во Кочани пред присутните порача дека во Македонија владее селективна правда.

„Да се оди во ЕУ значи правна држава, а не е правна држава ако се репресираат пратеници, и се прави се да се ослободи коалициониот партнер. Од друга страна има постојан реваншизам кон неистомислениците. Видовме дека иако може да обвинат за терозирам, може да ги ослободат обвинетите. Каква е таа држава, во која на чело на телото за судски реформи е премиер, кој не е ниту правник. Тоа не е вистинска, туку селективна правда. Нивното право е политичко“, рече Силјановска Давкова.

Таа порача дека реформите не се прават само заради ЕУ и НАТО, туку заради луѓето кои останале тука, но и оние кои се заминале, а кои како што рече Силјановска, со мислите останале овде. Во својот говор пред присутните во центарот на Кочани посочи дека луѓето не одат надвор за пари, туку бидејќи не го препознаваат животот овде.

„Ако бидам избрана за претседател, ќе го употребувам ветото, кога било која власт ќе го прекрши уставот и законите. Ако немаат разбирање за ветото ќе барат обраќање во парламентот. Законите се за луѓето, сите треба да се еднакви пред уставот и законите“, нагласи Силјановска Давкова.

Кандидатката за претседател и на вечерашниот митиг повторно зборуваше за промената на името на Македонија, но и избегнувањето за презентирање на симболите на државава, меѓу кои и химната.

„Со преспанскиот договор се прекршува правото на самоопределување. Заборавија, или се плашеа или се срамеа да ја пуштат химната. Сите настани почнуваат со химна. Химната е нашата држава, нашата историја, нашиот непокор. Во неа се вели дека се бориме со неправдините и тоа никој не може да ни го одземе“, рече Силјановска Давкова.