Американската В.Д. амбасадорка во Македонија, Микаела Швајцер Блум, изјави дека САД очекуваат во наредните месеци да и пожелат добредојде на Македонија како 30 членка на НАТО, нешто што граѓаните на Македонија го посакуваат повеќе од 25 години. Обраќајќи се на приемот во американската амбасада одржан по повод националниот празник на САД – 4. јули, Швајцер Блум истакна дека нејзината земја силно го поддржува и почнувањето на пристапните преговори со ЕУ што е можно побрзо.

Пред присутните гости на приемот, меѓу кои беа претседателот Стево Пендаровски, премиерот Зоран Заев, претставници на Владата, лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски и претставници на дипломатскиот кор, Швајцер Блум истакна дека земјата како членка на НАТО трајно ќе ги зацврсти своите односи со САД и со сојузниците на Алијансата.

Ние нема да бидеме само пријатели и партнери, ние ќе бидеме сојузнци, поврзани преку заедничката заложба за мир, безбедност и просперитет. Нема посилна врска од оваа. Ние ја видовме оваа врска на дело минатиот месец за време на вежбата „Одлучен удар“ на Криволак, каде војниците од нашите две земји создадоа заеднички процедури за комуникација и операции, подготвувајќи се заедно да одговорат на идните закани – изјави Швајцер Блум.

Таа додаде дека врските меѓу САД и Македонија се остваруваат и во бизнисот, културата, образованието, но и на социјален план.

Граѓаните на нашите две земји ги сакаат истите работи. Како што нашите основачи рекоа во Декларацијата за независност што денеска ја славиме – сите луѓе имаат право на живот, слобода и потрага по среќа. За да се постигне ова потребна е власт што одговара на потребите и грижите на граѓаните, власт што ги слуша граѓаните – потенцира в.д. амбасадорката на САД.

Швајцер Блум изјави оти е горда што амбасадата на САД ги поддржала напорите на земјава да ја зајакне демократијата, притоа не само да пишува добри закони, туку и да ги спроведува, да гради модерна економија и да ги направи земјата и регионот побезбедни.

Ќе продолжиме да работиме со вас, поддржувајќи ги вашите напори на патот кон остварување на ‘посовршена Унија’ – да цитирам една фраза од Уставот на САД. Живеете во период на големи можности и на голем потенцијал, а како ваш сојузник и пријател, со нетрпение очекуваме да ја продолжиме нашата соработка и да ви помогнеме да ги остварите амбициите на вашите граѓани – изјави Швајцер Блум.

В.Д. амбасадорката на присутните им посака добредојде на годинашното одбележување на 4 јули, кое е под мотото „Американски панаѓури“. Годинава се прославува 243 годишнина од усвојувањето на Декларацијата за независност на САД. Швајцер Блум појасни дека во САД на 4 јули почнува сезоната на панаѓури од каде потекнала идејата оваа година 4. јули во земјава да се одбележи на овој начин.