Што заедничко ќе имаат задутре македонските и бугарските политичари на чествувањето на Гоце Делчев? Дали ќе го чествуваат како Македонец и апостол на македонското револуционерно движење, кој се борел за автономна македонска држава во рамките на Османлиската империја како чекор кон независна македонска држава со Македонци или како Бугарин, кој се борел за реализирање на Санстефанска Бугарија т. е. за Македонија како дел од бугарската држава?!

Ова  се суштинските прашања, што ги поставува група еминентни македонски интелектуалци, во отворено писмо до македонската јавност и политичари пред најавеното заедничко македонско-бугарско чествување на 150-годишнината од раѓањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев.

 

Писмото го пренесуваме во целост.

Во повеќе наврати преку јавните медиуми го искажавме нашиот став околу Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство и пријателство со Бугарија, кои се асиметрични и на штета на македонскиот национален идентитет. И покрај укажувањата, политичките гарнитури водат своја агенда која полека, но сигурно води кон рекомпонирање на македонскиот идентит и на сите негови чинители-јазикот, културата и колективната меморија. Се уморивме од постојани писанија и укажувања дека владејачката политичка структура води анационална политика, додворувајќи се на Бугарија и прифаќајќи работи кои ниту една држава во светот не би прифатила и кои водат само кон сопственото разнебитување. Во тој контекст, деновиве добивме информација од бугарска страна за одлуката за „заедничко чествување на Гоце Делчев“. Од македонска страна-се уште молк. Кон ова треба да се додаде и барањето за постигнување согласност и прифаќање на некаква „заедничка бугарско-македонска историја“, кои излегува надвор од научните рамки на историската методологија.

Барањето за „заедничка историја“ е во спротивност со правото на самоопределување на секој народ, кој има сопствена колективна меморија, која никој не може да ја избрише. Историјата и нацијата не се создаваат со декрет. Македонскиот народ има своја долга колективна меморија, свој јазик, традиција и култура, кои произлегуваат од неговото многувековно постоење. Личностите и настаните што оставиле печат во меморијата на Македонците, поколенијата ги чествуваат со особена гордост, пренесувајќи им го тоа и на идните генерации. Во овие рамки е и чествувањето на Гоце Делчев, апостолот на македонското револуционерно движење, кој се жртвува за слободата на Македонија и кој им припаѓа на Македонија и на македонскиот народ.

За да чествувате нешто заедно, треба да ве спојува заедничка историја и заедничка идеја. А бидејќи македонската и бугарската историја и идеја се две различни истории и две различни идеи, не може да стане збор за заедничка историја.

Токму затоа, правото и света должност да се чествува Гоце Делчев како Македонец, кој се борел за автономна македонска држава во рамките на Османлиската Империја, како чекор кон независна држава на македонскиот народ, им припаѓа само на Македонците. Тоа треба секој да го почитува и да го прифати. Делегација од било која земја, па и од Бугарија, во рамките на официјалниот македонски протокол, може да дојде и да положи венец или цвеќе на гробот на Гоце Делчев, изразувајќи почит кон еден од најголемите национални јунаци, чие место е исклучително во колективна меморија на Македонците и чие име се пренесува од генерација на генерација. За такво нешто не може да стане збор за бугарската колективна меморија.

Се поставува прашањето што, во суштина, би чествувале заедно!?

Бугарското чествување би било во духот на досегашните изјави како од политичките, така и од научните кругови дека Гоце Делчев е Бугарин и дека се борел за реализирање на Санстефанска Бугарија, т. е. Македонија како дел од бугарската држава. Се поставува прашањето: ШТО Е ТУКА ЗАЕДНИЧКО? НИШТО! Сето тоа е дури и навредливо, бидејќи на тој начин од „домаќините“ – од нас Македонците-се бара во сопствената земја да слушнеме како Бугарија не го признава нашиот идентитет, јазикот, културата и нашата колективна меморија. Уште повеќе-тоа значи дека го прифаќаме фактот дека седумдесет години сме живееле во заблудата дека сме однародени Бугари, кои се продукт на комунистичкиот систем на поранешната Титова СФРЈ и создадени и измислени со декрет. Поголема историска и политичка перверзија од оваа не постои во светот!

Дали „заедничкото чествување“ е аминувано од страна на македонскиот дел од Комисијата за историски прашања и образование и е резултат на работата на двете Комисии за да и се угоди на политиката?!

За жал, повторно политиката ја презема диригентската палка за историските прашања во свои раце (а, нели, таа не се меша во работата на комисиите!) и донесува политичко-историски одлуки, кои немаат никаква историска оправданост. Наместо историјата да им се остави на историчарите (и за неа да се расправа таму каде што и е место: на научни собири, конференции, дебати), македонските политичари, на кои, секако, им се брза, а притоа се и сервилни кон бугарските барања, не почитувајќи ја историската методологија, диктираат што и како ќе се чествува. И тоа се поради уцените од Бугарија! Без никакво објаснување и без одговор, како од сервилните политичари, така и од членовите на македонскиот дел на Комисијата. Тие молчат, како и обично, додека се реализира бугарското сценарио– целосна распродажба на сето она што е обележјена македонската национална, културна и јазична посебност.

Уште еднаш, по којзнае кој пат, повторуваме: оставете им ја историјата на историчарите! Како политичари правите само поголема штета како резултат на вашето незнаење. Не понижувајте ја сопствената историја и не потценувајте ги македонските историчари! Генерации македонски, и не само македонски, научници наназад оставиле трајни сведоштва за македонската опстојба низ вековите. Сето тоа е преточено во томови монографии, зборници на документи, статии објавени во домашни и во странски списанија. Тие донесуваат значајни факти за историскиот развој на Македонците како народ со свој идентитет, јазик, култура и колективна меморија. Тоа никој и никогаш не може да го избрише! Сето друго е политиканство за реализирање на одредени цели. Тоа книжно богатство ќе остане како вечен паметник на милениумското постоење во различни историски периоди.

И не не засега ако некој не може да се соочи со тоа! НИЕ СМЕ ТУКА, ВО МАКЕДОНИЈА, КАКО МАКЕДОНЦИ СО СВОЈ ИДЕНТИТ, ЈАЗИК, КУЛТУРА И КОЛЕКТИВНА МЕМОРИЈА! МИЛЕНИУМСКОТО ПОСТОЕЊЕ ПРОДОЛЖУВА… Сето она што би го направиле некакви комисии нема да има никакво влијание врз развојот на македонската научна мисла, а македонизмот, како и многупати во историјата, ќе ги надживее сите негирања и негатори.

 

Атанасовски Александар, Ачкоска Виолета, Аџиевски Коста, Божиновска Валентина
Велев Илија, Донев Јованче, Жежов Никола, Јосифовска Катица, Јосимовска Верица,
Јурукова Нада, Котлар Наташа, Марковски Благоја, Миноски Михајло, Миновски Константин, Најдовски-Перин Ицо, Николова Соња, Панов Митко, Панова Маја, Светозаревиќ Бранислав, Чепреганов Тодор, Чакарјаневски Ѓорѓи, Филипоски Тони, Теон Џинго, Нетков Мишко, Јордановски Кирил, Валентина Миронска, Гоце Панговски, Елка Јачева Улчар, Игор Улчар, Велика Стојкова Серафимовска, Дарко Русевски, Катерина Тодоровска, Билјана Ванковска, Наде Проева, Ристо Никовски, Богдан Богдановски, Снежана Филипова, Емилија Ватерс, Рајна Бадева, Тамара Јованов Апасиева, Новица Велјаноски, Славчо Ковиловски, Оливер Ромевски, Наташа Спирова, Митрополит Агатангел, Ефтим Клетников, Митревски Драги, Ачковски Ристо, Цветан Гавровски, Константин Димитров, Лилјана Димитрова, Стојановски Тихомир, Дуртановски Георги Гоце, Дукоска Ана, Клетникова Фима, Филипчева Благојка, Василевска Иванка, Милошевска Ели, Шуплевски Александар, Кенков Ванчо, Павловски Горан, Софронивески Валериј, Илиевска Наташа, Дамјановски Александар, Гушевска Лилјана, Димитрова Елизабета, Јованов Марјан, Јакимовски Антонио. Ана Никодиновска Крстевска, Попов Марјан, Цветановски Дејан, Стојановски Зоран. Малковски Ѓорѓи, Петковска Благица, Цветановски Гоце, Алексоски Стеван, Серафимовска Мимоза, Михајловски Ангеле, Цацков Кирил, Ристевска Фана, Јакимовски Горанчо, Петрески Дејан, Петрески Христијан, Марија Мицајкова Панова, Милена Ристова Михајловска, Цацков Оливер, Ацеска Наталија, Ацески Роберто, Јуруков Диме, Филиповска Слободанка, Наумоска Марина, Панов Александар, Николоски Кире, Николоска Лидија, Серафимов Ѓорѓи, Петрески Боге, Адмир Мусаи, Алексоска Катерина, Милевски Перо, Илиева Нада, Бојчевски Крсте, Мавчев Гоце, Дренковски Илија, Чакароска Билјана, Чакароски Владо, Јован Јованов, Јованова Верка