Зошто наместо Владата, викендов членовите на македонскиот дел од заедничката македонско-бугарска комисија за прашања од историјата и за учебниците беа приморани да и ја објаснуваат на јавноста употребата на идентитетската придавка македонски/а/о во нејзината работа? И што Владата, воопшто, и одговорила на официјална Софија во врска со употребата и користењето на истата придавка?

Ова се двете прашања, што се наметнуваат по реакцијата на македонските историчари, членови на Комисијата, на пишувањата во медиумите дека наместо придавката македонски/а/о ќе се користи уставното име на државата.

И жешкиот костен, што одеднаш им се стави, македонските историчари, најблаго речено, невешто се обидоа да го фрлат од раце. Значи, сега е јасно дека се менува називот на комисијата, дека во записниците од нејзините седници ќе се користат изворно настапите на историчарите, дека ќе има учебници на РСМ, а не македонски учебници…

А, дека македонската Влада дала дополнителни објаснувања за употребата на идентитетската придавка беше јасно уште по завршувањето на последната седница на заедничката македонско-бугарска комисија и по интервјуто на премиерот Зоран Заев за Канал 77 на почетокот на декември минатата година.

Тогаш Драган Ѓоргиев, првиот човек на нашиод дел од комисијата, за медиумите меѓу другото изјави дека за бугарската страна, согласно Преспанскиот договор, е исцрпена можноста за употребата на придавката македонски/а/о и оти за тоа се разговара на повисоко ниво.

Тоа го потврди и премиерот Заев во интервјуто за Канал 77. На новинарската забелешка дека членовите на бугарската комисија не биле информирани од страна на нашето Министерство за надворешни работи околу употребата на идентиетеската придавка, премиерот одговори:

-Треба да бидат информирани, зашто тоа е решено прашање. Сето тоа што е идентитетска придавка е идентитетска придавка. Бугарија ја признава реалноста, сегашноста, и кога се користи идентитетската придавка таа е применлива и не е спорно прашање помеѓу Бугарија и РС Македонија, така да овде ова прашање треба да биде до крај решено.

И во самиот одговор се забележува конфузијата на премиерот, зашто ако прашањето било веќе решено, како тоа тогаш „треба да биде до крај решено„?!

Како и да е, најверојатно пред одржувањето на последната видео-средба на македонските и бугарските историчари во петокот, Владата и дала на официјална Софија извесно објаснување за употребата на идентитетската придавка македонски/а/о, што за жал остана далеку од очите на јавноста.

И сега, не се во прашање записниците на историчарите и тоа што во нив изворно ќе се користи придавката македонски/а/о. Во прашање е, според објаснувањето што го дадоа, дали на пример во „учебниците на РСМ“ намесдто македонски револуционери ќе стои „револуционери на РСМ“!?