Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денес гостуваше во „Неделен Брифинг“. Во своето гостување посочи дека средбите во Словенија, Хрватска и Унгарија се корисни за Република Македонија но и за самите граѓани. Преку средбите единствено македонските граѓани ќе имаат бенефит.

Средбите беа една сериозна дипломатска активност на ВМРО-ДПМНЕ, која што гледам дека овдека во јавноста е прифатена позитивно и ние ќе продолжиме со такви активности. А, тоа значи дека сме направиле добар потег и ќе продолжиме во периодов кој што следи, ќе имаме уште вакви пријатни изненадувања. И планираме еден ваков распоред на посети кои што ќе ги правиме и во регионот и во Европа – нагласи Мицкоски.

Мицкоски додаде дека од овие средби бенефит може да имаат граѓаните и државата.

Не треба никој да гледа конкуренција во ова што го правиме, се разбира ние на тие средби исто така ги презентираме и нашите впечатоци за однесувањето на власта во смисла на немањето реформи, невладеење на право, бруталната партизација судството и обвинителството, слабата економија, неумешноста во справување со КОВИД пандемијата, убедливото прво место кое што го имаме во регионот и меѓу водечките десет сме во светот по бројот на заразени и починати, немањето опција за вакцинација – рече Мицкоски.

Мицкоски посочи дека истовремено од средбите се собираат искуства, знаења, се шират познанства со луѓе кои што се надвор од структурата на сестринските партии на ВМРО-ДПМНЕ, кои што утре би помогнале во делот на привлекување на странски инвестиции.