Во 90-тите години, на почетокот на македонската независна држава, на падините на Водно во близина на скопското селото Нерези изникнаа огромни хациенди – дивоградби во сопственост на олигарсите на СДСМ. Народот ги нарече ШПАНСКО СЕЛО! Дали 25 години подоцна, денес историјата се повторува? Дали сме сведоци на нова огромна афера Шпанско село 2, во режија на министерот Венко Филипче и Мафијата во бели мантили? Ако до вчера Филипче не одговараше за објектот познат како „Касарната на Филипче“, денеска јавно го прашувам дали знае чии се над 13.500 квадратни метри градежно земјиште, вклучително и земјиштето каде се гради популарната Касарна- праша на прес конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, кој денес обелодени нов скандал поврзан со министерот за здравство.

Веќе информиравме за заедничката градба на КАСАРНАТА во Нерези на тештата на Филипче и на Горан Филипов, сопственик на фирмата Синерџи. Синерџи на Филипов е компанијата која што од именувањето на Филипче за министер до денес, има добиено тендери од Министерството за здравство и институциите под негова надлежност, тешки околу 7 милиони евра!

Но, почитувани тоа не е се’! Според јавно достапните податоци, објавени од Катастарот, Венко Филипче преку сопругата Маја, нејзината мајка Катерина Савеска, таткото Јордан Савески и братот Александар Савески, сите тие заедно со Горан Филипов, сопственикот на фирмата Синерџи, се сопственици односно сосопственици на вкупно 11 катастарски парцели, со вкупна површина од 13.506 м2 – обелодени Стоилковски.

Семејството Савески на сопругата на Филипче е сопственик, односно сосопственик на 7 катастарски парцели со вкупна површина од 6.164 м2.

Горан Филипов е сопственик односно сосопственик на 8 катастарски парцели со вкупна површина од 7.342 м2.

Согласно важечкиот урбанистички план, кој што дополнително е развиен со Архитектонско Урбанистички План, финансиран од Инвеститорите за споменатите локации е предвидена намена А4. А4 означува времено сместување со катност П + 1 + Пк и со вкупно развиена површина е 324 м2 или 108 м2 по кат.

Согласно ПРАВИЛНИКОТ ЗА СТАНДАРДИ И НОРМАТИВИ ЗА УРБАНИСТИЧКО ПЛАНИРАЊЕ, под времено сместување се подразбира градби на хотели, мотели, викендици, старски домови и други објекти за времено сместување.

Ова пак е дијаметрално спротивно со истакната табла пред објектот Касарна која што се гради и на која што стои дека се гради семејна куќа. За семејна куќа се издава А1!

Фактичката положба и издадените одобренија укажуваат дека се градат 2 објекти со намена Времено сместување – рече Стоилковски.

Спрегата меѓу Филипче и Филипов е многу поголема и трае многу подолго отколку што вели Филипче. Се работи за добро познати семејно поврзани лица, кои што долги години споделуваат и заеднички имоти, влегуваат во заеднички инвестиции, а Филипче му одобрува тендери од 7 мил евра!

Оттука прашуваме, што тоа планирал Филипче да изгради и на какви бизнис зделки размислувал наместо да изгради на пример една болница или Клиничкиот центар?

Дали тендерите доделени на семејно врзан партнер не создаваат конфликт на интереси?

Дали градежната намена од А4 која што опфаќа и старечки домови не било и тема на состанокот на Филипче со Боки 13?

Како со чесна плата се стига до 13.500 м2 на Водно?

Дали можеби освен Филипче и семејството на неговата сопруга има уште некој друг близок до Филипче со имот во непосредна близина?

Ќе изникне ли Шпанско село 2 на падините на Водно, пред очите на институциите додека Филипче го заврши министерскиот мандат?

Ова се само дел од прашањата за кои што Филипче но и институциите мора да одговорат! – нагласи Стоилковски.