Градските власти денеска официјално ја објавија одлуката за номинирање на Скопје како можен кандидат за титулата на Европската комисија, Европска престолнина на културата за 2028 година.

– Оваа апликација е доказ за нашите заложби дека Скопје треба да е европски, модерен град, каде вистинските културни вредности ќе бидат на највисоко ниво. Сите активности на Градот или во Градот, како што е реновирањето на Универзална сала, ќе бидат насочени кон целта Скопје во 2028 година да биде европска престолнина на културата, рече Шилегов.

Toј додаде дека да се биде европска престолнина на културата не значи само богата програма на настани, туку и заграбување и оживување на нови културни простори. Потенцира дека културата обединува и не знае за граници.

Шилегов информира дека искуствата од досегашните престолнини покажуваат оти за секое вложено евро, градот добива назад осум евра. Добивањето на оваа титула, како што рече, ќе значи зголемен број на туристи, препознатливост и поголем развој.

Тој потенцира дека Скопје, неговите граѓани и културните работници ќе сторат се оваа наша апликација да стане реалност.

Роберт Алаѓозовски, кој е координатор на тимот Скопје – Европски град на културата 2028 година изјави дека кога ќе биде објавен повикот за кандитурата во 2021 или во 2022 година, ние ќе треба да поднесеме апликација, која е сложена.

– Веќе два месеца едно јадро од десетина луѓе работи на програмата, истражува, ги студира материјалите и успешните апликации, воспоставува почетна комуникација со други градови. Идејата е во 2019 и во 2020 година да се добиваат повеќе средства од буџетот за да може тимот да расте, успешно да го совлада предизвикот и да поднесе апликација која би требало да има најмногу стотина страници, рече Алаѓозовски.

Алаѓозовски соопшти дека иницијатива и подготвителни активности за кандидатура се почнати од 2014 година, а одлуката е донесена дека со сигурност за три години ќе се кандидираме од сега.