Костадин Костадинов една недела молчи по кој критериум неговата мајка излезе како најкомпетентен кадар од Струмица и струмичко за да биде вработена во Централниот регистар во општината. Молк и од нејзините нови работодавачи. Нема одговор според кои критериуми таа била селектирана на конкурсот, дали немало ниту еден граѓанин во цела Струмица со средно образование кој што би одговорил на потребите на институцијата, па морала токму мајката на Костадинов да биде избрана за тоа работно место?, прашува портаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.

Владејачката хунта ја полни јавната администрација по теркот „живи луѓе ќе јадеме, ќе смениме се од хигиеничарка до министер“, а потоа вели ќе ја подобри администрацијата, главен носител на пристапувањето кон ЕУ и НАТО. Па, дали вработувањата по партиско роднински клуч, како мајката на Костадинов се тие реформи за европска интеграција? Дали партизацијата, наречена реформа на администрацијата се прават врз квалификации кој има поголеми семејно пријателски врски со врвот на хунтата, и дали тоа е борба против непотизмот?

дали вработувањето на мајката на партискиот портпарол на Зоран Заев е таа европска реформа? Дали за вработување во Централниот регистар во општина Струмица е потребно да се вработи кадар кој зад себе има низа од фирми однесени во стечај? Дали немало ниеден друг пријавен, заинтересиран со завршено средно образование и без искуство, за место со плата од 25.000 денари?

Нема одговор ниту од Константин Костадинов, ниту од СДСМ, ниту од Општината. Зошто и на кој начин во стечај завршиле ФАНИ – ЕКСТРА ДООЕЛ увоз – извоз Струмица, ДОО ФАНИ ЛОГИСТИК Струмица, ДЕЛИКАТЕС ФАНИ ДООЕЛ Струмица, ИНТЕР МЕТАЛ МЕТАН ДООЕЛ Струмица, сите поврзани со името на мајката на партискиот портпарол и пратеник во Собранието на Република Македонија од редовите на СДСМ, Константин Костадинов? Дел од овие фирми се избришани од Регистарот, а дел се во постапка на бришење, а ваквата низа отвора прашање дали се тие намерно воведувани во стечај, намерно доведување на фирми во состојба на неликвидност заради лична добивка?

Почитувани, вработувањето на Фанче Костадинова во Централниот регистар на Струмица е само продолжение на бранот на партизација на администрацијата со деца и роднини на хунтата на власт, како ќерката на Талат Џафери, синот на  Мирослав Грчев, сопругот на  Магдалена Несторовска, синот на Љубомир Фрчкоски, на локално ниво – двете внуки и зетот на прилепскиот градоначалник, братот на битолската градоначалничка, сопругите на градоначалниците на Берово и Неготино и низа партиски нови административци.

Почитувани,

Се додека траат ваквите афери и за нив хунтата мува не ја лази, за џабе се „ЌЕ“ најавите за јавноста, за администрација со поголеми плати, за реформи на администрација главен носител кон ЕУ и НАТО. Со ликови како мајки, стрини вујни со низа фирми во стечај, единствено може да се очекува дека хунтата ќе продолжи целата држава да заврши токму така – во стечај!