Собранието не му го одзема пратеничкиот имунитет на поранешниот претседател на парламентот, Трајко Вељаноски, откако Претседателот на законодавниот дом, Талат Џафери, на полноќ ја прекина седницата.

Седницата мина во многу тензична атмосфера, а својот крај го имаше кога координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, побара пауза од 45 минути, што Џафери го одби, а потоа, кога Мицевски доби збор да се обрати процедурално, времето предвидено за седницата заврши и спикерот Џафери ја прекина.

Притоа, Џафери соопшти дека во наредните неколку дена ќе ги извести пратениците за тоа што ќе се случи со оваа седница.

Претходно во речиси двочасовна дебата пратениците жестоко дикутираа околу тоа дали воопшто има правен основ да се свика седницата со оглед на тоа што Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, не донесе одлука за одземање на имунитетот на Вељаноски, откако гласањето заврши нерешено, со четири гласови „за“ и исто толку гласови „против“.

Барањето за одземање на пратеничкиот имунитет на Вељаноски дојде откако тој заедно со Миле Јанакиески и Спиро Ристовски во средата беа приведени на распит поради сомнение дека се дел од организаторите на настаните од 27 април. Вељаноски тогаш се повика на пратеничкиот имунитет, а на оваа седница не беше присутен.