Собранието вечерва на седница ја почна расправата за одземање на имунитетот на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Трајко Вељаноски, што беше на барање на Основен суд Скопје 1 Скопје, Одделение за организиран криминал и корупција поради постоење на основно сомнение дека е сторено кривично дело-Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста. Претседателот на Собранието Талат Џафери даде пауза од еден час, па седницата се очекува да продолжи околу 23.30 часот. Пријавени се 20 пратеници за дискусија

Барањето за одземање на пратеничкиот имунитет на Вељаноски следи откако тој заедно со Миле Јанакиески и Спиро Ристовски во средата беа приведени на распит поради сомнение дека се дел од организаторите на настаните од 27 април. Вељаноски тогаш се повика на пратеничкиот имунитет, а вечерва не е присутен на седницата.

Елизабета Канчевска Милеска, координатор на групата осум пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, кои ги поддржаа уставните измени, побара едночасовна пауза, бидејќи дури во седум часот ја добиле информацијата дека вечерва ќе се одржи седница.

Пратениците од власта и опозицијата спореа околу тоа дали има основ да се свика оваа седница, со оглед на тоа што надлежната Комисија за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, не донела заклучок со мнозинство гласови, односно четворица пратеници предложија одземање на имунитетот, а четворица биле против. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ тврдеше дека правно Собранието нема за што да расправа затоа што немало заклучок од Комисијата, а власта нагласуваше дека седницата за одземање на имунитетот е закажана согласно Деловникот.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски во текот на расправата изјави дека одлуката за одземање на имунитетот е донесена на друго место, а како што рече „тука треба да се изврши само егзекуцијата”.

Пратеникот од СДСМ и претседател на надлежната Комисија, Павле Богоевски истакна дека Комисијата не е таа која цени барање на суд и додаде дека точката се поставува според барањето на судот и Собранието нема право да ги попречи судските процеси.

Според Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ обвинителството е продолжена рака на извршната власт и додаде дека „прашање на денови е кога на власта кога треба нешто да се покрие, обвинителството се активира”.

Собранискиот спикер Тала Џафери појасни дека основа за свикување на седницата е извештајот на Комисијата и предлогот на Мицески го стави на гласање, при што беше отфрлен со 61 глас „против”.

Што вели собранискиот Деловник

Имунитет на пратениците

Член 53

(1) Пратеникот ужива имунитет од денот на верификацијата до денот на престанокот на мандатот.

(2) Барањето за одобрување на притвор на пратеник, надлежниот орган го поднесува до претседателот на Собранието. Ако барањето не е доставено од надлежен орган, претседателот на Собранието за тоа го известува органот.

(3) Известувањето дека пратеникот е притворен затоа што е затечен во вршење кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од најмалку пет години, надлежниот орган го поднесува до претседателот на Собранието.

(4) Надлежниот орган го известува претседателот на Собранието за притворот на пратеникот и кога тој не се повикал на имунитетот.

(5) Претседателот на Собранието, барањето за одобрување на притвор, односно известувањето дека пратеникот е притворен веднаш го доставува до Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања. Комисијата е должна да го разгледа барањето, односно известувањето и во рок од два дена да достави извештај до претседателот на Собранието.

(6) За седницата на Комисијата се известува и пратеникот на кого се однесува барањето.

Член 54

(1) Врз основа на извештајот на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, Собранието најдоца во рок од три дена од добивањето на барањето за притвор на пратеникот, одлучува по барањето.

(2) По известувањето за притворање на пратеник кој не се повикал на имунитет, Собранието може да одлучи да се примени имунитет над пратеник, ако тоа е потребно за вршење на функцијата пратеник.