Се случува корона хаос во градинките и училиштата, а министерката за образование Мила Царовска соопштува преку медиумите дека се е под контрола. Трите позитивни случаи на Ковид 19 во три детски градинки во земјава што се случи пред четири недели, не беа доволно предупредување за Владата да го запали црвеното светло и брзо да реагира.

Неозбилноста на надлежните оди до таму што тие набрзина без претходно направен скрининг на вработените во градинките и училиштата донесоа одлука да ги отворат истите за прием на децата.

Пред извесно време на ова алармираа и родители преку социјалните мрежи, но тогаш надлежните смируваа дека не треба да се паничи. Исто така, и министерот Венко Филипче преку медиумите изјави дека не било потребно тестирање на вработените во градинките, бидејќи моменталната епидемиолошка состојба била стабилна.

Но, сега ситуацијата со короната во образовните установи тотално се искомплицира. Вчера уште 15 првачиња од ОУ „Гоце Делчев“ од скопски Центар се во 14-дневна изолација, откако две наставнички се заразиле со коронавирусот.

Не се исклучува можноста едната наставничка да се заразила од другата и родителите сега се исплашени бидејќи освен што постои ризик децата да се заразат, биле и во контакт со бабите и дедовците.

Како здравствените власти ќе се справат со новонастанатата ситуација, од Министерството за здравство за сега нема одговор.

И веќе е очигледна некоординираноста меѓу Министерството за здравство и Министерството за образование и Владата звучи како раштиман оркестар.

Граѓаните, кои во паника се јавуваат на контактните телевизиски емисии и бараат помош за брзо справување со корона кризата во градинките и училиштата, велат дека Владата си игра “руски рулет” со децата, но и со сите граѓани во државата.