Државниот врв во јавните настапи кога говори за војската се помалку го употребува терминот АРМ. Така беше и вчера на воената вежба на Криволак кога во своите настапи, премиерот Заев и претседателот Пендаровски го користеа зборот „нашата армија“ , „нашата војска“ или пак само „Армијата“.
Засега никој се нема изјаснето дали е тоа намерно и дали можеби и АРМ ќе добие ново име во духот на Договорот од Преспа
„Горд сум на нашата Војска, заради тоа што демонстрираше“, истакна вчера премиерот Заев по воената вежба „Одлучен удар“.
Горд сум на сите наши војници, заради тоа што имаат и желба да се усовршуваат и унапредуваат. Знам, дека ќе ги исполниме сите оние наши очекувања, да имаме достоинствена и горда Армија, која што рамо до рамо со нашите сојузници ќе се грижи за мирот во светот и ќе продолжи да го гарантира мирот во светот-рече Заев.
Слични термини користи и претседателот Пендаровски. Тоа можеше да се забележи и во говорот пред присутните, а подоцна и на Фејсбук по завршувањето на вежбата напиша „нашата Армија е компатибилна со армиите на нашите сојузници од НАТО“.
Како врховен командант ги поддржувам реформите во одбраната и безбедноста и развивањето на професионална и модернизирана Армија.Како држава имаме обврска да го зголемиме одбранбениот буџет на 2% од БДП до 2024 година.Ова е реална цел и ќе ја оствариме-напиша претседателот.
Во март годинава Владата донесе одлука за преименување на 136-те институции, државни, јавни и оние финансирани од Буџетот, согласно Преспанскиот договор и направените уставни измени, но АРМ не беше меѓу нив.
Comments are closed for this post.