Од вчера почнаа да пристигнуваат пресудите за осудените за собраниските настани од 27 април 2017 година. Први ја добиле осудените, кои се наоѓаат во притвор, а денеска ги добиваат и одбраните на останатите осудени, како и на единствениот ослободен, еден од водачите на движењето „За заедничка Македонија“, Игор Дурловски.

Пресудата е на над 1.000 страни, а законски предвидениот рок за нејзина подготовка и доставување беше средината на мај со оглед дека пресудата беше донесена на 15 март.

Со неа, Митко Чавков, поранешниот директор на БЈБ, беше осуден на 18 години затвор и освен Игор Дурловски, кој судот го ослободи од обвинението, сите останати добија високи затворски казни.

Покрај Чавков на затворски казни беа осудени и Митко Пешов 15 години, Душко Лазаров 15 години, Горан Ѓошевски Леви 15 години, Оливер Поповски 13 години, Оливер Радулов 10 години, Мумир Пепиќ 15 години, Абдулфетах Алими 7 години, Младен Додевски 12 години, Јане Ченто 15 години, Горанчо Ангеловски 12 години, Игор Југ 12 години, Влатко Трајковски 15 години, Вилијам Михајловски 14 години, Никола Митревски Кољо 15 години, Александар Василевски Нинџа 8 години.

Сите беа исудени за „терористичко загрозување на уставниот поредок“.

Пресудата за 27 април е напишана на 1.055 страни и денеска ни е доставена и тече рокот за жалба кој изнесува 15 дена. На судот му беа потребни повеќе од 90 дена да ја напише пресудата, имајќи предвид дека истата е објавена усно на 15 март 2019 година,а е доставена денеска на 18 јуни.  Одбраната е во понеповолна ситуација, бидејќи има само 15 дена да ја прочита пресудата и да напише жалба, а на судот му беа потребни повеќе од 90 дена да ја напише пресудата, вели за Пресинг Тв, адвокатот Звонко Давидовиќ.

И Обвинителството и одбраната имаат рок од 15 дена за поднесување жалби до Апелацискиот суд.