Формиран е Иницијативен состав од 60 члена и објавен е јавен повик за делегирање кандидати за комплетирање на составот на Првото Уставотворно Заседание на Народното Собрание на Република Македонија. Соопштението е објавено на сајтот на народното собрание,  а се прошири на социјалните мрежи. Кој се е потпишан на иницијативата, засега не се знае.

По интензивни повеќемесечни дикусии со секој од предложените кандидати поединечно, подготвителниот процес за конститурање на Народното Собрание на Република Македонија, кој започна на 19ти Март 2018, од  27ми Октомври преоѓа во активна фаза со формирањето на Иницијативниот Совет на Народното Собрание од 60 делегати составено од врвни професионалци, економисти, финансисти, таксисти, академици, професори и работници, стари и млади, мажи и жени, патриоти и патриотки! – стои во соопштението на Иницијативниот состав.

Иницијативниот Состав на Народното Собрание на Република Македонија смета дека се исцрпени сите правни и политички можности за да му се овозможи на македонскиот народ низ институциите да си го претстави својот глас.

Првото Заседание на Уставотворното Народно Собрание на Македонија ќе ги прогласи ништовни сите одлуки, закони и меѓународни договори донесени и направени од нелегитимните институции од 27ми Април наваму, се додава во соопштението.

Објавуваат повик за предлагање на делегати од 80-те општини во Македонија.

Уставотворното Народно Собрание во соработка со Претседателот на Републиката ќе формира преодна Техничка Влада која ќе обезбеди економски, социјален и безбедносен континуитет и која во рок од 6 месеци ќе организира фер и демократски избори, после што Народното Собрание ќе ја предаде должноста на новиот легитимно избран состав на Македонското Собрание обезбедувајќи континуитет и заштита на уставноста, законите, безбедноста и државноста!, се наведува во соопштението.

Од Иницијативниот Состав го повикува македонскиот народ и институциите да откажат послушност кон како што велат: „нелегитимната квислиншка марионетска власт, да предлагаат кандидати за делегати и заедно со Народното Собрание да ги одбранат уставните и идентитетски темели на нашата државност и нашето вековно постоење како Македонци на своите прадедовски огништа“.

Во соопштението меѓудругото се посочува:

Иницијативниот Состав на Народното Собрание будно ја следи ситуацијата и е подготвено во секој момент да ја преземе одговорноста за Македонија,  да обезбеди континуитет на уставот и државата и зедно со единствента легитимна институција, претседателот Ѓорѓе Иванов, да го одбрани АСНОМ-скиот карактер и духот на Уставот од 1991ва на Македонија како држава на Македонскиот Народ, и да му помогне на претседателот на Република Македонија да организира фер и демократски избори на кои сите анти-уставни и досега изборно непроверени пост-изборни активности ќе бидат изложени на демократска проверка пред Македонските гласачи.