На вчерашното рочиште за „27 април“ беа презентирани дополнителни докази од страна на обвинителството, но и од страна на обвинетите и нивните адвокати. Покрај пораките кои Вилма Рускоска ги промовираше како докази, а во кои се зборува меѓу другото и за поддршката на Бајага и Блага Петреска на протестите за Заедничка Македонија, вниманието го привлече и еден друг факт – доказ за комуникација помеѓу Спиро Ристовски и Трајко Вељаноски на 27 април, кој беше занемарен од страна на обвинителството на Рускоска, пренесува „Курир.мк“

Пред неколку месеци кога обвинителката ги презентираше своите докази, зборувајќи за пораките пронајдени во телефонот на Трајко Вељаноски констатираше дека ексспикерот на Собранието на 27 април имал комуникација со обвинетиот Спиро Ристовски, но ниту Рускоска ниту нејзината заменичка Ивана Трајчева не навлегоа во деталите за комуникацијата меѓу двајцата обвинети на денот на упадот во Собранието.

ШТО СОКРИ РУСКОСКА ОД ДОКАЗИТЕ „ПРОТИВ“ ВЕЉАНОСКИ И РИСТОВСКИ?

Обвинителството штуро констатира дека на 27 април ИМАЛО комуникација меѓу Спиро Ристовски и Трајко Вељаноски, но никогаш не ја изложи иако е должно да го стори тоа.

Вељаноски и Ристовски во период од 25 април 2017 до 15 мај 2017 комуницираат на специфична тема, која нема никаква врска со насилен упад во Собранието, организирање и спроведуање на некаков план за терористичко загрозување на уставниот поредок. Напротив, Вељаноски се интересира за тема од ресорот на Ристовски, кој во моментот е заменик-министер за образование.

ШТО ЗБОРУВАЛЕ ОБВИНЕТИТЕ ЗА ТЕРОРИЗАМ НА 27 АПРИЛ?

На 27 април, како и два дена претходно, но и 18 дена подоцна, Трајко Вељаноски и Спиро Ристовски се допишуваат за инспекциски надзор на Штуловиот универзитет во Тетово.

Пораки од 25 април

ТВ: „Спире, дали отиде комисија во штуловиот универзитет?
СР: „Утре се таму“
ТВ: „Па после тоа нека ти кажат и пренеси ми што пронашле“
СР: „Обавезно“

Пораки од 27 април

ТВ: „Што направија овие во Тетово?“
СР: „Работат“
ТВ: „Изгледа има добар материјал“
СР: „Камбовски и бил во комисија. Тоа е уште поинтересно.“
ТВ: „Мутно е.“
СР: „Да.“

Пораки од 3 мај

ТВ: „Здраво, ај прашај што констатирала комисијата“
ТВ: „Спире, праша за комисијата што пронашла?“
СР: „Не е уште готов предметот, најверојатно утре ќе е“
ТВ: „Во ред. Кажи ми што пронашле“
СР: „Договорено“

Пораки од 5 мај

ТВ: „Спире, праша дали им е готов предметот“
СР: „Да, донесовме решение ама се однесува на документаијата за трудови, празно е досието.“
СР: „Ова ми пратија.“

Пораки од 15 мај

ТВ: „Прашај го инспекторот што направил во Тетово“

Значи не само на два дена пред настаните кога наводните организатори (според теоријата на Рускоска) би комуницирале за случувањата во Собранието, ниту на самиот ден на немилите настани, а ни 18 дена подоцна не размениле пораки кои имаат било каква врска со обвинението со кое се соочени Вељаноски и Ристовски.

ДАЛИ „ТЕРОРИСТИ“ НА ДЕНОТ НА „ТЕРОРИЗМОТ“ ЌЕ ЗБОРУВААТ ЗА ИНСПЕКЦИЈА НА УНИВЕРЗИТЕТ ВО ТЕТОВО?

На оние на кои им е јасна политиката во обвиненијата за 27-ми април, ова веројатно не им е ниту чудно бидејќи се свесни каква цел имаше првиот случај, но и вториот кој служи „да го оправда првиот“ повеќе од билошто друго. Но, колку и да е исполитизирано и неточно обвинението, Рускоска, Трајчева и колегите од Обвинителството за гонење организиран криминал имаат законска обврска на обвинетите да им ги предочат и доказите кои ги пронашле, а се од корист за обвинетите.

Ако обвинителите не сметаат дека од корист за обвинетите е меѓусебна СМС комуникација на самиот ден 27 април, во која зборуваат на „десетта тема“, а воопшто не зборуваат за настаните за кои се обвинети, тогаш имаме проблем не од логичка, туку веројатно од психолошка природа.

Во секој случај, намерното криење докази кои може да ја докажат невиноста на неправедно обвинет човек претставува кривично дело.