Во знак на предупредување ВМРО-ДПМНЕ од денес почнува со протести и блокади во Скопје и во уште 10 градови.

Според најавите од партијата, блокадите ќе се одржуваат од 15 до 17 часот, а во Скопје во овој период ќе бидат блокирани раскрсниците кај Нова Македонија, ТЦ Мавровка и пред Собранието.

 

Претседателот на партијата, Христијан Мицкоски вчера изјави дека партијата започнува со вакви активности кои ќе се одвиваат во следните период, поради како што рече, тајните преговори коишто двоецот Заев – Бучковски ги водат со официјална Софија, а се однесуваат практично на иднината на Македонија и евроинтегративниот процес на македонскиот народ, нација и држава во рамките на Европската унија.

Од високи дипломатски извори, од Брисел, но и од официјална Софија дознаваме дека Декларацијата усвоена во бугарскиот парламент е дел од преговарачката рамка на Македонија со Европската унија и од тој момент билатералниот проблем со официјална Софија станува наш проблем со Европската унија.

Мицкоски рече дека ВМРО-ДПМНЕ ќе биде на улиците се додека на јавноста не ѝ биде покажан документот „Патоказ“.

Доколку ова биде дел од преговарачкиот ние ќе бидеме доведени пред двоен избор,а тоа е или асимилација – бугаризација за еден ден кога ќе ви завршиме реформите и бидеме дел од ЕУ или замрзнување и напуштање на сонот за ЕУ, посочи Мицкоски.

Тој апелираше до сите политички партии без разлика дали се леви, десни или центар, без разлика дали се парламентарни или надвор од парламентот, да се приклучат на барикадите, за тоа што македонскиот  народ, македонската нација заслужуваат одбрана во овој момент.