Пратеничката од СДСМ, Фросина Ременски, на денешна прес конференција во Собранието го повика Трајко Вељаноски да си даде оставка од функцијата претседател на Комисијата за надзор на работата на службите за државна безбедност во Собранието.
Имаме морализирање на статусот на Павле Богоевски на неутврдена вина, наспроти статусот на пратеникот Трајко Вељаноски кој е под сомнение и при крај на поведување на обвинителен акт заради здружување во непријателска дејност против државата за настаните од 27 април – изјави Ременски.
Таа додаде дека тоа не исправа пред една многу посериозна дилема од аспект на тоа дали имателот на безбедносен сертификат за државна тајна може и треба да гледа строго класифицирани извештаи за работата на токму тие служби кои ги обезбедиле доказите против него.
Дополнително на ова, тој ќе определува кои двајца членови, пратеници, ќе учествуваат во постапката за селекција на кадри на управата – објаснува Ременски.
Пратеничката го повика Вељаноски да си поднесе оставка од Комисијата за надзор бидејќи, според нејзе, не е достоен да ја врши таа функција и претставува безбедносен ризик.
Реагираа од ВМРО-ДПМНЕ.
„Дали сопругот на Фросина Ременски е креаторот на фалсификуваните службени белешки со кои се вршеше политички прогон и со кои неосновано се испраќаа во притвор политичките неистомисленици? Дали сопругот на Фросина Ременски беше незаконски унапреден за седум скали нагоре само заради нејзиниот и неговиот политички ангажман?, реагира опозициската партија.
„Дали Фросина Ременски предлагаше апсурдни амандмани само за да може нејзиниот сопруг да биде поставен за прв човек на безбедносните служби, иако не знае англиски јазик? Тоа ли беше причината Фросина Ременски да бара укинување на овој услов?
Фросина Ременски нема никакво морално право да бара оставки од некого. Фросина Ременски и нејзиниот сопруг треба да си поднесат оставки за да се истражат злоупотребите кои ги имаат направено овие две години.
Оставката на Павле Богоевски од функцијата пратеник е уште еден класичен обид на власта за манипулација со граѓаните. Обид за замајување на јавноста со единствена цел јавноста да го занемари фактот дека до обвинителството се уште не допре гласот, за тоа како Богоевски порачува нелегална психотропна супстанца.
Правната држава во Македонија СДСМ ја укина, граѓаните не се еднакви пред законите, за функционерите од власта истите не важат. Богоевски ја потврди веродостојноста на снимката, а притоа и јавно на својот Фејсбук профил призна дека набавувал нелегална психотропна супстанца, за ваквиот негов чин тој мора и кривично да одговара“, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.
Comments are closed for this post.