Преспанскиот договор кој власта го потпиша со Грција и по кој Македонија го промени името ќе се најде пред Уставен суд. Универзитетската професорка Тања Каракамишева поднела барање за заштита на слободите и права во врска со Преспанскиот договор.

Според неа повредено е правото на забрана од дискриминација по основ на национална припадност и правото на слобода на уверување, совеста , мислата и јавното изразување на мислата од член 110 став 1 алинеја 3 од Уставот, гарантирани со меѓународни документи.

-Повредата на горенаведените права била направена со дејството потпишување на поединечен акт, односно потпишување на „Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во Резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите Нации,за престанување на важноста на привремената Спогодба од 1995 и за воспоставување на стратешко партнерство помеѓу страните склучена во Преспа (Нивици) Грција на 17.06.2018 меѓу „Првата страна“ Грција претставувана од министерот за надворешни работи Никос Коsијас и „Втората страна“ (безимена држава) претставувана од министерот за надворешни работи, Никола Димитров, се вели во известувањето од Уставниот суд.

Дополнително, како што се додава, подносителката на иницијативата смета дека повредата е направена со дејство – склучување на оваа Спогодба, нејзиното имплементирање, дејствата покренување на постапка за измена на Уставот во Собранието на Република Македонија согласно овој акт, формирање административен заеднички интердисциплинарен комитет за цензура и слобода на говорот, дејствата на согласување на државата под странски притисок на дополнителни услови за прием во ООН и тековно водење на земјата под привремена референца.

-Подносителката предлага нејзиното барање да биде усвоено во целост и да се утврди повреда на наведените слободи и права, да се поништи поединечниот акт и да се забранат наведените дејствија, а до донесување на конечниот акт Судот да донесе Решение за определување на времена мерка согласно член 57 од Деловникот на Уставниот суд, се вели во известувањето.